Денеска во 17 часот ќе се одржи протест на булеварот Партизански одреди, кај Универзална сала. Од граѓнската иницијативата „Кој е следен?“ велат дека случајот со Фросина Кулакова не е изолиран, дека се повторуваат истите случаи на неконтролирано возење со години, се повторува неказнувањето и недолжното згаснување на животи.
„Фрустрирани од состојбите што не се менуваат, повикуваме на изразување на граѓански револт. Системот ги отфрла децата и младите кои поради недоволна грижа го избираат погрешниот пат. Институциите не се координирани и тоа доведува до млади кои не ја добиваат потребната поддршка за да бидат активни чинители во општеството. Тој недостиг на поддршка резултира до сѐ почести фатални последици“, наведено е во најавата за протестот.
Протестот има за цел да адресира три главни проблеми – нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот, недоволна безбедност во градовите како и укажување на проблемот на девијантно однесување.
„Институциите не настапуваат координирано за идентификување на младите кои се во судир со законите, а тие кои веќе се идентификувани не ја добиваат функционалната грижа за да се изградат во корисни и чесни граѓани на општеството. Урбаната инфраструктура не ја осигурува потребната безбедност. Неопходно е градовите да можат да гарантираат безбедни услови за живот. За крај, од исклучителна важност е да се поттикне јавната свест кон гласно осудување на глорификацијата на девијантното однесување. Круцијално е да се информираат граѓаните за последиците од возвишувањето на неказнивоста и заобиколувањето на правилата“, наведено е во соопштението.
На 31 јануари, на местото на кое загина студентката Фросина Кулакова имаше граѓански собир. Кулакова пред три дена загина откако во неа удри автомобил чиј возач немал дозвола за воење, возел брзо и поминал на црвено светло, во алкохолизирана состојба.
