Протест за Фросина во Скопје: „Валкани пари – смртни последици“

Учесниците на протестот во првиот ред држеа два транспаренти кои ги носеа пред себе во текот на вечерта. На нив со црвени букви врз црна позадина пишуваше „Ние сме гласот на Фросина“ и „Валкани пари - смртни последици“

Сестрата на Фросина, Росица Кулакова повторно беше во првите редови на протестниот марш | Фото: Мета.мк, 16.02.2025 г.

Неколку стотици граѓани денеска беа дел од протестниот марш за Фросина Кулакова која пред околу три седмици беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди спроти Универзалната сала во Скопје. Токму од ова место започна денешниот марш што го предводеше семејството на Фросина, а беше во организација на иницијативата „Кој е следен?“.

Протестот и овој пат, како и пред две седмици, го предводеше семејството на Фросина Кулакова, но присутни беа и роднини на други починати лица во сообраќајни несреќи | Фото: Мета.мк, 16.02.2025 г.

Учесниците на протестот во првиот ред држеа два транспаренти кои ги носеа пред себе во текот на вечерта. На нив со црвени букви врз црна позадина пишуваше „Ние сме гласот на Фросина“ и „Валкани пари – смртни последици“.

Од местото на несреќата учесниците се упатија кон зградата на Владата, каде поминаа без да застанат. Оттаму, тргнаа кон законодавниот дом, односно националното Собрание.

Овој протестен марш по смртта на Фросина Кулакова на 29 јануари 2025 година, е трет од ваков тип во Скопје. Последниот се одржа пред две седмици и на него присуствуваа околу 5.000 граѓани | Фото: Мета.мк, 16.02.2025 г.

Додека се движеа присутните извикуваа „правда за Фросина“, „правда за Викторија“, „правда за Теодора“, набројувајќи ги младите жртви во сообраќајни несреќи во последните неколку години.

Демонстрантите поминаа пред зградата на Владата, но таму не застанаа туку директно продолжија кон Собранието каде преку три минутен молк ѝ се оддаде почит на младата Фросина при што сите присутни ги вклучија светлата на своите мобилни телефони за да создатат „ѕвездено небо“.

Пред Собранието се одржа три-минутен молк и присутните ги вклучија светлата на мобилните телефони | Фото: Мета.мк, 16.02.2025 г.

Од таму поворката тргна кон Апелациониот суд, каде се одржаа и неколку говори од организаторите на протестот. Дваесет и три годишната Анастасија Павловска потенцираше дека „позади ова движење не стои ниту една политичка партија туку стојат млади луѓе на кои што веќе им е преку глава да живеат во земја во која што никој не ги почитува, туку свесно ги убиваат“.

Пред Апелациониот суд се одржаа неколку говори на дел од организаторите на протестниот марш | Фото: Мета.мк, 16.02.2025 г.

Таа праша „уште колку животи треба да бидат изгубени во овој систем за колективно да кажеме доста е“.

„Доста е од полиција што ги штити богатите и моќните, доста е од лекари што ни бараат мито за да нè лечат, доста е од судство што селективно ги разгледува доказите, доста е од образование кое што ја убива критичката мисла кај народот сè со цел за да нè контролираат“, рече младата Анастасија пред апелациониот суд.

Потоа таа повторно праша „кој сè уште би прифатил да живее во ваков систем, систем кој што сите го плаќаме од сопствениот џеб за да нè уништува, систем кој што од моментот на нашето раѓање, работи на наше поробување, умствено, духовно, културно, физичко“.

Според Анастасија Павловска, на младиот човек не само што му е тешко тука да напредува туку и да опстане. Таа ги повика сите присутни да се запрашаат колку пати поминале на црвено, колку пати застанале на пешачки премин.

„Секој од нас мора да биде свесен за сопствените постапки за потоа да бараме одговорност од институциите кои што ги плаќаме. Она што го бараме од овие институции не е научна фантастика. Тоа им стои во работниот опис и попис. Потребни се длабоки и суштински промени на овој корумпиран систем“, рече Анастасија.

На крајот таа им порача на институциите: „нема да се откажеме додека не видиме вистински системски промени“.

Меѓу транспарентите кои ги носеа присутните на маршот имаше неколку на кои се бараше правда за несреќата кај село Ласкарци во 2019 г. која животот го загубија 16 лица. За ова дело возачот на автобусот беше осуден на 14 години затвор, а газдата на „Дурмо Турс“ на 4 години затвор. Пред неколку дена навршија точно 6 години од оваа несреќа | Фото: Мета.мк 16.02.2025 г.

Фросина го загуби животот ноќта на 29 јануари 2025 година петнаесетина минути пред полноќ кога Васил Јованов, под дејство на алкохол, возејќи брзо и поминувајќи на црвено удри директно во нејзе и ја усмрти на лице место.

Во моментот на несреќата Васил бил веќе осуден за трговија со дрога, но наместо затворска казна добил шест месеци во казнено-поправен дом како помлад полнолетник. Јавното обвинителство ја обжалило ваквата пресуда пред Апелациониот суд. Откако се случи трагичната несреќа и по големиот протест пред две седмици во Скопје, судот одлучи да ја прифати жалбата и го осуди Јованов на три години и девет месеци затвор.

На Јованов тек ќе му се суди за случајот во кој животот го загуби Фросина. Нејзиното семејство целиот гнев го насочува кон правосудниот систем, поточно судството и обвинителството.