Фото: Фатон Цури, Порталб.мк, архивска фотографија, 02 април 2021

Од паркот во населбата Чаир до владиното седиште, денеска се протестираше против досудените пресуди за случајот „Монструм“ и за другите “монтирани случаи” досудени од македонското правосудство. За разлика од нередите на претходните протести, денешниот настан помина мирно, а полициските службеници им дозволија на демонстрантите да протестираат пред владината зграда.

Пред владата, помеѓу другите соговорници, се обрати и Бедри Ајдари, роднина на еден од осудените лица во „Монструм”. Тој пред демонстрантите истакна дека тие сакаат европска правда, а не правда која што ја утврдува политиката. Ајдари побара ослободување на неправедно осудените лица во случајот „Монструм“, но и во другите “монтирани случаи”.

Ајдари побара одржување на нов судски процес за обвинетите лица во случајот „Монструм“, со кој ќе раководат меѓународни судии и обвинители. Исто така, од Владата побара да се воспостави независна комисија за разгледување на политички монтираните случаи.

Тој додаде дека барањето за ослободување се однесува и за приведените лица од последниот протест што се одржа на 26 февруари, кога демонстрантите и полицијата се судрија на улицата „Крсте Петков Мисирков“. Ајдари рече дека полицајците ги испровоцирале демонстрантите.