Скопјани денеска се собраа да го изразат својот протест против инертноста на властите во борбата со загадувањето на воздухот. Тие попладнево маршираа пред Министерството за животна средина, Собранието и Владата за да го свртат вниманието на големиот проблем со кој се соочуваат секоја зима.
Со транспаренти преку кои порачаа „Во Скопје живеат згради и коли, а луѓето се гушат“ и преку кои кои прашаа „Ви делат ли чист воздух од партија?“ тие се обратија до надлежните институции од кои побараа поголема ажурност и внимание за проблемот со аерозагадувањето кое секоја година во Македонија е причина за околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките PM2,5, што е 17,7 отсто од вкупната смртност во државата. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како што се белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови. Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух.
„Многу често надлежните сакаат да кажат дека немале магично стапче за да го решат загадувањето. Но ние знаеме дека има такво стапче, а тоа е буџетот, кој е тежок над шест милијарди евра за идната година. Проблем е што секоја година се трошат сѐ повеќе пари, но не и за решавање на загадувањето. Магијата на буџетот е резервирана за тендери за набавка на нафта. Над 700 јавни институции во земјата секоја година трошат над 20 милиони евра за нафта за да се загреат, но и за да го загадат воздухот. Оние кои треба да нѐ заштитат и да ни го овозможат уставно загарантираното право на чиста животна средина всушност нѐ трујат со наши пари“, рече Јане Димески од Шанса за Центар.
Само во Скопје ќе се изгорат над два милиони литри нафта за загревање на државните и општинските институции. Загадувањето во Скопје и другите градови во Македонија со години е проблем на сите жители, а со тоа и на секоја власт, сметаат организаторите Зелен Хуман Град и посочуваат дека колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот, толку побрзо ќе го решиме овој долгогодишен проблем.
„Бараме од надлежните институции, Владата и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот. Граѓаните нема веќе да толерираат неодговорно однесување кон еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваме“, велат од Зелен Хуман Град.
Екологистите на надлежните им понудија и сет на конкретни мерки во кои бараат Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините со цел подобро управување со аерозагадувањето. Температурните инверзии се природен феномен во котлините што го спречува генерираното загадување да излезе од нив. Тие најчесто се формираат при студено време, поради што аерозагадувањето е најизразено во зима.
Тие бараат и јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола, но ја немаат и забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот од три метри со образложение дека колку пошироки улици, толку повеќе автомобили, бидејќи иако изгледа логично дека проширувањето на улиците ќе го намали метежот, во реалноста секоја нова улица брзо се пополнува со нови автомобили, повторно создавајќи метеж и застој.
Едно од барањата на Зелех Хуман Град е и забраната на увозот на користени возила постари од 10 години и со стандард под „ЕУРО 5“ во земјава од 2025 година, како што веќе има во регионот. Екологистите предлагаат и да се изработи план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа и бараат итно усвојување на Правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура, кој ќе овозможи создавање на безбедни и одржливи велосипедски патеки во сите градови, што ќе ги поттикне граѓаните да користат велосипеди наместо возила.
Во поглед на среднорочните мерки, граѓанските здруженија бараат поставување на густа локална мрежа од мерни станици, со по една станица на максимум 1.500 квадратни метри, со приоритет на индустриските капацитети и погони со А и Б-интегрирани дозволи. Клучно е овие мерни станици да обезбедат јавно достапни податоци во реално време за степенот на загаденост околу овие капацитети. Со оваа мрежа ќе се обезбедат индикативни податоци, кои инспекциските служби на Град Скопје ќе можат да ги користат за иницирање надзори заедно со Државниот инспекторат за животна средина или самостојно. Бараат и изградба на сеопфатна велосипедска мрежа и систем за самоизнајмување велосипеди, како и високоразвиен јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај.
Екологистите инсистираат на искористување на обновливите извори на енергија преку инсталирање фотоволтаични системи за генерирање на електрична енергија за јавните објекти и институции под надлежност на Владата и општините. Во Македонија, Шанса за Центар мапираше над 700 јавни објекти кои се греат на мазут и нафта, што значително го зголемува загадувањето на воздухот. Ова има сериозни здравствени последици и дополнителни трошоци за државата, а фотоволтаиците ќе ја намалат загаденоста, ќе создадат нови работни места во секторот на обновливата енергија и ќе заштедат милиони во градските буџети. Се бараат и субвенции за фотонапонски системи за индивидуални домаќинства и за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување.