Под слоганот „Не во наше име“, иницијативата „Сите за Палестина“ вчера организираше протест пред Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија. Десетици граѓани се собраа заеднички да испратат порака до македонските претставници во Обединетите нации: да престанат со срамното гласање против правото на самоопределување на палестинскиот народ.
На протестот се обратија неколку говорници кои ја истакнаа противречноста во надворешната политика на државата – држава која и самата во минатото добила меѓународна поддршка, денес застанува на страната на малкуте земји што не ја признаваат Палестина, а индиректно го поддржуваат геноцидот кој се одвива во Газа. Тие повикаа на хуманост, емпатија и солидарност, предупредувајќи дека молкот на властите пред бизнис интересите на богатите е соучесништво во злосторство.
Организаторите ја презентираа и листата на барања кон Владата:
-Потврда на поддршката за правото на самоопределување на Палестина.
-Гласање во корист на Палестина на сите идни сесии на ОН, вклучително и за полноправно членство и хуманитарна помош.
-Усвојување официјална позиција со која ќе се осуди геноцидот во Газа.
-Воведување пакет санкции против Израел и прекин на трговските односи што директно финансираат воени злосторства. Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот 2021–2023 година Македонија извезла во Израел стоки во вредност од 23,5 милиони евра, додека увозот достигнал 43,1 милиони евра – со јасен трговски дефицит на штета на македонската економија.
-Прекинување на академската соработка со израелски институции, вклучително и меморандумот со Универзитетот „Бен Гурион“.
„Македонската влада не ги застапува интересите на народот кој живее на оваа територија, ниту вредностите со кои се кити на меѓународната сцена. Народот секогаш ја вреднувал солидарноста, хуманоста и мирот – затоа бараме Македонија да застане на вистинската страна на историјата,“ порачаа организаторите.
Присутните граѓани повикаа на континуиран притисок врз институциите за да се запре страдањето на палестинскиот народ и Македонија конечно да заземе јасен став во корист на правдата и човечките права.
