Кај Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје денеска се одржа протестна акција со наслов „Лавиринтот во Центарот за социјална работа во Шуто Оризари“, како израз на незадоволството од страна на ромската заедница поради нефункционалноста на Центарот за социјални работи во Шуто Оризари.

„Детектирани се низа неправилности и несоодветен однос од страна на вработените кон социјално загрозените семејства и лица, поради кои тие се чувствуваат дискриминирани и понижени. Истовремено, се испраќа порака до надлежното Министерство за труд и социјална политика дека ЦСР во Шуто Оризари е нефункционален и потребни се сериозни реформи за негово соодветно функционирање. Уличниот перформанс симболично замислен како лавиринт е заснован на секојдневните случувања, лични искуства, животни приказни и вистинити изјави од барателите на социјални услуги во ЦСР во Шуто Оризари и е последица на невозможноста во институционалниот лавиринт да се остварат социјални права кои Уставот ги гарантира, а законот овозможува пристап и остварување на истите“, порачаа организаторите на денешната герила-акција.

Акцијата е дел од обуката за креативен активизам на ромски организации која ја спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија. На обуката и во креирањето на креирањето и спроведувањето на акцијата учествуваат претставници на Романо Чачипе, Скопје; ИРИЗ, Скопје; Национален ромски центар Куманово и Станица П.Е.Т. Прилеп.

Фотографии: „Ромски лавиринти“ фото-албум од Ванчо Џамбаски (CC BY-NC-SA).