протест на ТУК
фото: ССКМ

Денеска напладне пред Министерството за финансии започна протестот на членови на Туристичко-угостителската комора (ТУК), претставници на угостителски објекти, ноќни клубови, ресторани за свадби, игротеки, туристички агенции, туристички водичи и превозници, кои бараат континуирана финансиска поддршка за спас на дејностите. Под мотото „Ќе можете ли“, тие ги повикуваа надлежните институции итно да ја обезбедат бараната финансиска поддршка, соопштија од Сојузот на стопански комори.

„Угостителскиот сектор од почетокот на кризата минатата година, сѐ до денес работи под бројни рестриктивни мерки. Во изминатите години докажавме дека знаеме и можеме да работиме, сега, без наша вина, не сме во можност да работиме, што ја доведува во прашање не само иднината на деловните субјекти, туку и егзистенцијата на нашите семејства. Затоа и ги повикуваме надлежните институции да се потсетат на нивниот изборниот слоган „Можеме“ и да покажат дека навистина можат да ни помогнат кога тоа навистина ни е потребно. Јасно и гласно ги прашуваме „Ќе можете ли?“ да одговорите на барањата и да ни ја обезбедите помошта што ни е потребна“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора.

Барањата на овој сектор се еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада.

„Бараме еднократна финансиска помош за секој од регистрираните категоризирани објекти, кои повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и долгувања акумулирани поради забраната за работа. Исто така бараме и еднократна финансиска помош во вид на грант, поделена во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработените во 2020 година, како и  мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од банките и од Развојната банка, додека не ни дозволи владата да работиме без рестрикции за нашиот сектор“, рече Ангеловски.

Ана Марија Алексова, член на УО на ТУК, посочи дека зголемениот број на заболени, затворените граници, немањето туристи и падот на прометот од речиси 100 отсто во 2021 година, ја оневозможува егзистенцијата на туристичките агенции.

„Бараме ваучерите кои ќе се доделуваат од Владата за кампањата „Дома си е дома“,  задолжително да се користат преку туристичките агенции и да се продолжи рокот на тие што се веќе издадени од туристичките агенции, според Одлуката на Влада за нереализираните патувања во 2020 година, до 31.12.2022година“, изјави Алексова.

Протестот организиран од ТУК, ќе продолжи и утре и ќе трае се до исполнување на барањата.