fbpx

Протекоа информации од исказите за аферата со поткуп во Грција

-

Во грчките медиуми протече целосниот исказ на поранешниот советник на Независни Грци, Јоргос Апостолопулос, кој е обвинет за обид за подмитување на пратеникот Павлос Хаикалис. Во својот исказ, Апостолопулос целосно отфрла одговорност за обвинувањата, истакнувајќи дека самиот Хаикалис, поради финансиски проблеми, се понудил да го поддржи кандидатот за претседател ако му биде обезбедена добра финансиска понуда.

„Бев изненаден летото 2014 кога на една од нашите редовни средби со Хаикалис, тој ми се довери дека е подготвен или да си оди од Независни Грци или да гласа позитивно за претседател во замена за некаков надомест. На моето прашање зошто сака да го направи тоа, ми спомена дека има финансиски проблеми. Бев запознаен со неговите финансиски проблеми бидејќи веќе му имав позајмено пари“, изјавил Апостолопулос пред јавниот обвинител.

Притоа додава дека неколкупати се обидувал да го испровоцира преку разговор Хаикалис на оваа тема за да дознае колку му се вистински намерите да ѝ заврти грб на партијата и да гласа за владиниот кандидат.

„Сакав да дознаам до каде може да стигне еден активен политичар во услови на критични политички судири за државата, ставајќи ги пред сè личните интереси. Мојата врска со Независни Грци беше света и ме интересираше нивниот политички тек“, додал Апостолопулос во одбрана на тезата дека целиот разговор за поткуп бил само маска за да го разоткрие Хаикалис како нелојален пред лидерот на Независни Грци, Панос Каменос. Во исказот истакнува ситуации во кои Хаикалис му барал да му гарантира дека ќе добие финансиска понуда за гласот за претседател.

Апостолопулос тврди дека самиот сакал да го пријави Хаикалис за ова политички неетичко однесување, но пратеникот на Независни Грци го претекнал со пријавата во обвинителството. Според Апостолопулос, Хаикалис прв истрчал пред суд бидејќи се исплашил дека екссоветникот на Каменос има снимки од него во кои бара да добие поткуп за да го поддржи владиниот кандидат на претседателските избори. Во изјавата посочува дека целата ситуација е само измонтирана, нереална театарска претстава на Хаикалис, со кого биле блиски пријатели од 2012 година.
Грчкото обвинителство сè уште нема донесено конечна одлука за целиот случај со обидот за поткуп на Хаикалис.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...