Прослава за положен испит по анатомија ќе им донесе казни од по 2.000 евра на 28 студенти

zabava
фото: Yutacar на Unsplash

Прославата за положениот испит по анатомија, дваесет и осуммина студенти од Медицинскиот факултет може да ги чини по 2.000 евра. Полицијата ги затекнала студентите во стан во Скопје во раните утрински часови додека тие славеле за поминувањето на еден од најтешките испити на нивните студии.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог за издавање казнен налог за кривично дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

„Обвинетите, сите на возраст од 20 и 21 година, на 21 мај во раните утрински часови биле затекнати при проверка во стан на улицата „Славејко Арсов“ каде биле собрани на прослава за положен испит по анатомија. Со ова тие постапиле спротивно на прописите со кои се определени мерки за спречување на коронавирусот, а со кои се забранува групирање на прослави и други собири заради заштита на здравјето на населението“, се вели во соопштението од ОЈО Скопје.

Во соопштението се додава дека надлежниот јавен обвинител доставил предлог до Основниот кривичен суд Скопје да им определи парични казни на сите обвинети од по 100 дневни глоби, при што поединечната вредност на дневната глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противредност. Тоа значи дека секој од дваесет и осумте затекнати студенти ќе треба да плати по 2.000 евра.