Проширувањето на „Цветан Димов“ во Чаир ќе направи масакр на старите дрвја, предупредува Зелен хуман град

„Градот сака да даде 140 милиони денари без притоа воопшто да постои готов проект за реконструкција на улицата, а проектот дури по одвојувањето на парите ќе го работи општина Чаир,“ вели советникот на ЗХГ, Горјан Јовановски  

Фото: Суад Бајрами, Порталб.мк

Улицата „Цветан Димов“ во општината Чаир може да остане без деценискиот дрворед, доколку се одобри реконструкција без подготвен проект, предупредуваат активистите на Зелен хуман град. На дневен ред на седница на Советот на Скопје утре по вторпат ќе се разгледува точката за меѓуопштинска соработка на градот Скопје и Чаир, „тешка“ 140 милиони денари, наменети за изработка на проект и за реконструкција на булеварот.

„Ако на утрешната седница на Советот на град Скопје помине точката за реконструкција на „Цветан Димов“ во Чаир, може да се збогуваме од повеќедецениското зеленило таму. Градот сака да даде 140 милиони денари без притоа воопшто да постои готов проект за реконструкција на улицата, а проектот дури по одвојувањето на парите ќе го работи општина Чаир. Видовме каков масакар се случи на Васко Карангелески во Аеродром“, вели советникот на ЗХГ, Горјан Јовановски.

Според него, неопходно е двете активности да бидат одвоени, па така општината прво да го изработи проектот, па ако тој биде прифатлив, да се одвојат пари за реконструкција.

Јовановски вели дека точката веќе еднаш не помина пред советниците, а ЗХГ и овојпат ќе се обиде да го блокира предлогот. Екологистите посочуваат дека предложените 2,2 милиони евра се 20 отсто од буџетот на Град Скопје за улици и патишта за годинава. Дополнително, проширувањето на „Цветан Димов“, освен уништување на децениско зеленило ќе значи и експропријација, за што во овој момент нема информација колку ќе чини.

Проширувањето на „Цветан Димов“ во булевар со шест коловозни ленти го најави пред две години тогашниот градоначалник Петре Шилегов, како услов за воведување на втората фаза од Бас рапит транзит системот од Кисела Вода до Бутел. Шилегов тогаш најави дека почнува и изработка на проект, според кој булеварот треба да биде широк 29 метри, што значи дека ќе треба да се врши и експропријација на објекти кои се наоѓаат на трасата. Според тогашните проценки за изградбата и експропријацијата ќе требаат околу 6,5 милиони евра.