Екипите на Град Скопје ја проширија крстосницата на булеварот Александар Македонски со улицата 16. Македонска бригада, во Автокоманда, со што во голема мера се олесни движењето на возилата, се намали метежот и се зголеми безбедноста во сообраќајот.
Во текот на градежните работи, средишната жардиниера на дел од булеварот Александар Македонски е намалена, со што сообраќајната лента за вртење во лево кон улицата 16. Македонска бригада е продолжена за 120 метри. На терен е извршен ископ, нанесен е тампонски слој и нов асфалтен слој.
Булеварот Александар Македонски е проширен за една сообраќајна лента со ширина од 3,5 метри, во делот пред и по свртувањето во десно кон улицата 16. Македонска бригада, кон базата на Противпожарната бригада. Коловозот на булеварот Александар Македонски во овој дел беше проширен во должина од 150 метри.
Градежни работи за проширување на оваа крстосница се одвиваа и на аголот пред Шумарскиот факултет, каде што се прошири едната сообраќајна лента на улицата 16. Македонска бригада, за вртење во десно кон булеварот Александар Македонски. Тротоарот е реконструиран и покриен со бетонски плочки.
На терен работеа екипите на ЈП „Улици и патишта“. Вкупно е реконструирана површина од 3.000 квадратни метри, а Град Скопје за овој градежен зафат одвои околу 5,7 милиони денари.