Просечната исплатена нето-плата во земјава февруари 2020 година изнесувала 27.206 денари или 442 евра, објави Државниот завод за статистика.

Индексот на просечната исплатена нето-плата по вработен во февруари 2020 година, во однос на идентичниот период лани, изнесувал 112,5, што значи дека платите во земјава пораснале за 12,5 отсто во однос на оние што биле исплатени во февруари 2019 година.

Ваквото зголемување на платите во земјава се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Стручни, научни и технички дејности (20,1 отсто), Уметност, забава и рекреација (19,3 отсто) и Преработувачка индустрија (17,7отсто).

Државниот завод за статистика во февруари 2020 година регистрирал намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец во следниве сектори: Финансиски дејности и дејности на осигурување (14,9 отсто), Рударство и вадење на камен (12,8 отсто) и Транспорт и складирање (11 отсто).