Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Македонија во декември 2022 година изнесувала 34.364 денари, односно истата е зголемена за 14,8 отсто во споредба со истиот месец од 2021 година. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), убедливо најголема просечна нето-плата има во секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејсности, која што во декември лани изнесувала 88.192 денари.
Наспроти програмерите, најниска просечна нето-плата во декември 2022 година имало во секторот заштитни и истражни дејности, каде што платата на вработените била 19.510 денари, односно само малку над минималната плата во земјава.
Инаку, зголемувањето на просечната нето-плата на национално ниво се должи првенствено на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Преработувачка индустрија (20,4 отсто), Уметност, забава и рекреација (20,2 отсто) и Административни и помошни услужни дејности (19 отсто).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Транспорт и складирање (10,4 отсто), Дејности во врска со недвижен имот (10,2 отсто) и Уметност, забава и рекреација (8,4 отсто).
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во земјава во декември 2022 година изнесува 51.387 денари, односно истата била зголемена за 14,9 отсто во споредба со истиот период лани.
