Пропаднаа обидите за постигнување договор за заштита на океаните

фото: Marek Okon на Unsplash

Не успеа ниту петтиот обид да се склучи глобален договор за заштита на светските океани и морскиот свет. Разговорите за усвојување на Договорот за отворено море на Обединетите нации (ОН) беа во тек две недели во Њујорк, но владите не можеа да се договорат за условите, јавува „Би-би-си“.

И покрај тоа што меѓународните води претставуваат речиси две третини од светските океани, само 1,2 отсто се заштитени.

Последниот договор за заштита на океаните беше потпишан пред 40 години, односно во 1982 година, преку Конвенцијата на ОН за поморско право. Преку овој договор се воспостави област наречена „отворено море“ – меѓународни води каде што сите земји имаат право да рибарат, да бродат и да истражуваат.

Морските животни кои живеат надвор од заштитените 1,2 отсто од подрачјата, се изложени на ризик од експлоатација од зголемените закани од климатските промени, прекумерниот риболов и бродскиот сообраќај.

Во текот на изминативе две недели, 168 членки на првичниот договор, вклучително и ЕУ, се собраа за да се обидат да направат нов договор, а повеќе од 70 земји пред состанокот се согласиле да прогласат 30 отсто од светските океани за заштитени подрачја. На овој начин би биле поставени ограничувања за тоа колку често може да се рибари, би се одредиле маршрутите на бродските патеки, како и активностите за истражување како што е ископувањето во длабоко море.

Сепак, земјите не успеаја да постигнат договор за клучните прашања околу правата на риболов, ниту пак околу финансирањето и поддршката за земјите во развој.

Активистите за заштита на животната средина овој несупех го нарекоа „пропуштена шанса“.

Според извори на „Би-би-си“, проблем кој предизвикува поделба бил Арктикот, поради климатските промени и кратките зими.

Активистите се загрижени дека без постигнат договор, не само што нема да бидат заштитени морските видови, туку и некои видови никогаш нема да бидат откриени пред да исчезнат.

Сѐ уште не е јасно кога земјите би се вратиле заедно да ги продолжат преговорите, но крајниот рок е поставен до крајот на годинава. Лидерите, меѓу другото, ќе се сретнат и на климатската конференција КОП27, како и на состанокот на Генералното собрание на ОН.

Светските лидери преку договор ќе се обидат да ги спасат океаните од прекумерна експлоатација