Тендерската постапка за избор на компанија која треба да ја гради првата регионална депонија за Источниот и Североисточниот регион во земјава во селото Мечкуевци во Свети Николе не заврши успешно. Од Министерството за животна средина само накратко информираат дека причината поради која пропадна тендерот е недоволен интерес, односно затоа што се пријавиле мал број компании кои не ги исполнувале критерумите за избор. Како што велат од Министерството, по пропаѓањето на тендерот, тендерската документација е ревидирана, а во моментов се чека одобрување од Делегацијата на Европската Унија за да може да се повтори постапката.

Доставувањето на понудите во тендерот заврши во мај годинава, откако еднаш беше продолжен рокот за да им се даде дополнително време на компаниите да ја дополнат документацијата. Потоа следуваше периодот на евалуација од 90 дена, во кој е одлучено дека ниту една од компаниите не ги исполнува условите.

Од Министерството не откриваат колку компании биле пријавени, ниту кои се тие, дали меѓу нив имало и некоја домашна, а доверливи се и податоците за условите кои успеале да ги исполнат. Нема детали ниту какво ревидирање е направено на тендерската документација и какви се новите услови кои ќе се бараат за фирмата која ќе треба во иднина да ја изгради првата европска депонија во земјава. Засега, од Министерството се оптимисти дека постапката за распишување на новиот тендер ќе се направи набрзо, и дека идната година ќе може да почне да се гради депонијата, иако одобрувањето на неуспешниот тендер траеше повеќе од една година.

„Доколку е успешна новата тендерска постапка градбата би почнала во првиот квартал на 2026 година, а изградбата треба да се реализира за 18 месеци, од кои 12 месеци е гарантниот период. Изградбата на централната постројка и трансфер станиците ќе се реализира во една фаза“, велат од Министерството.

Според извештајот на Државниот завод за ревизија објавен во јуни годинава, проектот за Свети Николе ќе ја чини државата 40 отсто повеќе заради пролонгирањето на роковите и доцнењето на третата фаза, за која се распиша овој тендер. Според ДЗР, во третата фаза од проектот кој вклучува изградба на регионалната депонија и трансфер станиците, државата ќе треба да учествува со 65 отсто од средствата, а европските фондови со 35 отсто, наместо првично предвидените 85 од ЕУ и 15 отсто од буџетот. Инаку, вкупната цена на центарот за третман на отпад изнесува 48,4 милиони евра, но во тие средства се вклучени и првите две фази од проектот, односно набавка на инфрструктура и затворање на дивите депонии.

Од Министерството не коментираат дали сè уште постои опасноста од губење на грантот заради доцнењето, но веројатно е дека со пропаѓањето на постапката и со новото пролонгирање, може да се очекуваат и нови неизвесности и услови на финансирањето.

„Процентуалното учество на ЕУ средства како и национална контрибуција ќе зависат од повеќе фактори, меѓу кои и движење на цените на пазарот, времето кога ќе се реализира како и расположливоста на ЕУ средствата, не само за овој туку и за други планирани проекти кои се финансирани од ЕУ, велат од Министерството.

Депонијата во Свети Николе треба да биде првата од предвидените пет регионални депонии, со кои, според европски стандарди ќе треба да се третира отпадот во земјава. Освен таа во Свети Николе, такви се и депонијата Русино за Полошкиот регион, депонијата Мегленци во Општина Новаци за Пелагонискиот и Југозападниот регион, депонијата Доброшинци за Вардарскиот и Југоисточниот регион и скопската Дрисла.

Според проектот во Мечкуевци, Свети Николе ќе се гради една централна постројка за управување со отпад, како и шест претоварни станици во Куманово, Ранковце, Штип, Виница, Македонска Каменица и во Берово. Центарот ќе треба да опслужува околу 370.000 лица од кои се генерира отпад од околу 112.094 тони годишно. Домаќинствата ќе имаат две корпи, за отпад што се рециклира и за мешан отпад. Градинарскиот отпад ќе се собира одделно и ќе се носи на компостирање. Предвидено е да се постави и мрежа за извлекување биогас од депонијата за понатамошна енергетска употреба.

Изградбата на претоварните станици и регионалната депонија ќе се одвива паралелно, а додека не се изгради во овие два региона ќе се работи на затворање на повеќе од сто диви и нестандардни депонии и ѓубришта, кои во зависност од количината на отпадот, ќе подлежат на различни начини на ремедијација. Од ѓубриштата на кои има помалку од 3.000 кубни метри отпад ѓубрето ќе се премести на некоја од другите депонии, онаму каде има до 10.000 кубни метри отпад планирано е затворање и покривање без систем за собирање на биогасот, додека поголемите депонии ќе се затвораат со систем за собирање на биогасот. Проектот е вреден околу 10 милиони евра.