Во скопското село Копаница вчера е пронајдена почината 37-годишна жена со прострелна рана во главата, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.

На лице место увид извршиле јавен обвинител од ОЈО Скопје и екипи на СВР Скопје, по што е издадена наредба телото да биде дадено на обдукција. Надлежните служби, како што информираат од Обвинителството, преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.

Во близина на телото бил пронајден пиштол „глог 19“, кој, според првичните информации, е сопственост на сопругот на починатата. Тој веднаш бил обезбеден, а против него е отворена истражна постапка за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали по член 396 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор, која е прифатена од Судот.

Од ОЈО Скопје и СВР Скопје велат дека истрагата продолжува со цел целосно утврдување на околностите под кои се случил настанот.