Два резервоари биле зафатени од пожар по експлозија што вчера одекнала во петрохемиска фабрика на југот на Франција. Властите се сомневаат дека станува збор за „подмолен чин“ откако истражните тимови денеска во близина на фабриката пронашле електронска направа, пренесуваат медиумите.
Дополнителен сомнеж за истражните тимови внесува и тоа што резервоарите биле на оддалеченост од половина километар.
Огнот од запалените резервоари во фабриката кај Бер Л`Етанг, можел да се забележи од голема оддалеченост.
Полициски извори за француските медиуми изјавиле дека во тек била анализа на електронската направа за која постојат сомневања дека би можела да биде причината за пожарот.
Поради настанот, француските власти издале предупредувања до властите во чуствителните локации на територијата на целата земја да ги зголемат безбедносните мерки.
Како што пренесува „Би-Би-Си“, антитерористичките служби во Париз одблизу ја следат истрагата, особено откако пред една недела биле украдени експлозиви и детонатори од воена локација во Мирама, место кое е на 20 километри од петрохемиската фабрика.