Промовирани нови теми на бесплатните ЕДУИНО-вебинари за наставници, воспитувачи и професори

фото: ЕДУИНО

По спроведениот прв серијал ЕДУИНО-вебинари 2020 кој опфати бројка од над 18.000 учесници, тимот на ЕДУИНО го најавува новиот серијал на вебинари со бесплатни онлајн предавања и можности за стекнување на повеќе видови сертификати наменети за наставниците, воспитувачите, професорите и сите заинтересирани учесници на теми од областа на образованието.

Вебинарите се бесплатни интерактивни неформални настани, каде што учесниците имаат можност да следат предавања на актуелни, иновативни и напредни теми кои одговараат на потребите и предизвиците на наставниците, преку споделување на примери од добри пракси и совети. Преку ЕДУИНО-вебинарите учесниците ќе имаат можност да го подобрат својот личен и професионален развој истакнувајќи знаење од реномирани предавачи во своите области, велат организаторите на вебинарите.

„Еден од највисоките приоритети на проектот ЕДУИНО е градењето на заедница која вклучува едукатори, соработници и просветни работници кои континуирано вложуваат во својот професионален раст и развој, а преку тоа придонесуваат кон подобрување на квалитетот на образованието во целост. Оваа година особено внимание посветивме на начинот и процедурата за стекнување на сертификатите, со крајна цел зголемување на вредноста на истите. Самиот концепт предвидува дека предуслов за добивање на сертификатот  ќе бидат реализираните активности на учесниците. Овој процес е осмислен со цел на слушателите, да им овозможи да се здобијат со сериозно практично искуство. Со ваквиот подобрен пристап, учесниците ќе имаат можност да се стекнат со два сертификати: сертификат за стекнати знаења и сертификат за применети знаења кои ќе бидат од особена важност за нивниот професионален развој“, вели Милена Игњатова, проектниот менаџер на ЕДУИНО.

Првиот онлајн вебинар ќе се одржи на 20 октомври и е на тема „Превртена училница – концепт, стратегии и потребни ресурси за спроведување“. Повеќе информации за сите датуми и теми за следните ЕДУИНО-вебинари, како и за начинот на пријавување на бесплатните онлајн предавања, можат да се најдат на веб-страницата на ЕДУИНО.

Учејќи ги новите методи и алатки, учесниците на ЕДУИНО-вебинарите ќе имаат можност да стекнат потребни вештини за имплементирање на иновативни наставни методи поддржани од новите технологии, како и да се стекнат со практични вештини за алатки кои би ги применувале во наставата, велат организаторите на серијалот.

Инаку, овој проект е во сопственост на Бирото за развој на образованието (БРО) и е поддржан од Министерството за образование  и наука (МОН), Министерството за труд и социјална политика (МТСП), УНИЦЕФ и Владата на Обединетото кралство преку Британската амбасада во Скопје.