Промовирана Националната платформа за електронски упис на првачиња во учебната 2021/2022 година

Извор на фотографија: Општина Куманово

Денеска во ООУ „Вера Циривири – Трена“ во Општина Карпош беше промовирана Националната платформа за електронски упис на првачиња за новата учебна 2021/2022 година. Од идната година, родителите ќе имаат избор дали да ги запишат своите деца преку електронскиот упис или тоа да го направат директно во училиштата преку хартиена форма.

„Родителите ќе можат тоа да го направат и онлајн преку прикачување на сите документи и откако тој административен процес ќе се заврши, имаат една посета во училиштето за средба со педагог и проценка за понатамошно започнување на процесот на образование“, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.

Во име на Центарот за управување со промени се обрати Неда Малеска Сачмароска и ја изрази благодарноста до Британската амбасада за поддршката околу реализацијата на овие услуги кои ќе го олеснат животот на граѓаните.

„Големо задоволство ни е што овој процес на дигитализација го започнуваме токму во образованието со вакви значајни услуги преку кои значително ќе се подобри пристапот на граѓаните до институциите, ќе се намали времето на чекање, гужвите и притоа ќе се подобри информираноста за тоа кои документи се потребни за упис во училиштата“, додаде Малеска Сачмароска.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев го изрази своето задоволство што овој процес што стартува во Општина Карпош.

„Среќен сум што од Општина Карпош се промовира системот за електронски упис на првачиња во учебната 2021/2022 година. Пред една година, токму нашата општина прва иницираше онлајн настава и електронски упис на ученици. Ова е втора година на сериозни предизвици во образованието кои продолжуваме да ги надминуваме“, изјави Богоев.