Промовирана книгата „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА – театарски практикум“

Фото: Мета.мк

Во младинскиот центар „Матично“ денеска се одржа промоцијата на публикацијата „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА – театарски практикум“ од авторите Игор Ивковиќ и Афродита Кирјаковска.

Се работи за прва книга од ваков тип, односно театарски практикум исполнет со театарски вежби за говор претставени преку игри за деца. Во прирачникот наменет за деца од предучилишна возраст, но и за деца во погорните одделенија на едукативниот систем, вежбите се во пишана форма со сите истакнати цели и главни елементи.

Досега е познато дека ваквиот начин на вежбање на театарската уметност се покажал како практичен во Здружението за културно – уметничка едукација „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“ на Игор Ивковиќ и Миодраг Костиќ.

Промотори на новото издание беа театарската и филмска глумица и режисерка, Снежана Коневска Руси и Милка Тримчевска, наставничка по македонски јазик.

„Во практикумот има разни игри соодветно за деца од различна возраст преку кои самите развиваат просторна ориентација, логично размислување и будат креативност. Вршење театар не значи излегување на сцена, игрите од практикумот може да се применуваат и во простоен контекст со цел јакнење на самоувереноста и развивање на различни гледишта кон светот“, посочи наставничката со децениско едукативно и педагошко искуство, Милка Тримчевска.

Сузана Коневска Руси, Милка Тримчевска, Афродита Кирјаковска, Ирена Илиевска и Игор Ивковиќ; Фото: Мета.мк

Целиот проект е замислен да биде со едукативна продуктивност како дел од неформалното образование, а да ја подигне свеста за неговата важност и во формалното образование. Како што посочи Руси, театарскиот практикум на Дита и Игор означува чекор кон запознавање, стекнување вештини за одреден уметнички профил и дава можност за натамошно образување и стручно профилирање.

„Една од нашите главни цели како неформален едукативен центар во театарското образование е воведување на предметот Театарско образование во образовниот систем во нашата земја, каде со помош на вакви методи ќе се изучува истото уште од најрана возраст“, истакна Костиќ.

Авторката и долгогодишната актерка на македонската сцена, Афродита Кирјаковска, позната како Дита, се заблагодари за можноста да биде дел од еден ваков проект преку кој имала можност да ја работи работата што ја сака.

Улога во работењето на практикумот имала и актерката Ирена Илиевска, која од 2015 година е дел од училиштето за театар на Костиќ и Ивковиќ каде работи како театарски едукатор со деца.

Фото: Мета.мк

Другиот автор, режисерот Игор Ивковиќ за крај го искажа своето задоволство за издавањето на книгата инспирирано од сите досегашни ученици кои го прифатиле методот на учење преку игрите што ги содржи практикумот и истакна дека љубовта кај децата се развива и зависи од креативноста на едукаторите и предавачите.

Театарското училиште „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“ е формирано во 2012 година. Од тогаш е континуирано и активно во процесот на театарска едукација во неформалното образование кај децата. Претходно работело во просториите на Универзалната сала, а во последнава година својата работа ја продолжува во новиот младински центар, „Матично“.

Од понеделник практикумот ќе може да се најде во сите поголеми книжарници во земјава. Создавањето и реализацијата на овој проект е поддржано од Министерството за култура, Градот Скопје и Младинскиот центар „Матично“.