Промовиран „Уништување“ – новиот роман на Моџо Килингтон

Фото: Арс Ламина Публикации

Авторот, сценарист и активист на социјалните мрежи Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон ја напиша својата трета книга „Уништување“ која беше промовирана вчеравечер во книжарницата „Literatura.mk Superstore“ во „Скопје сити мол“. Романот е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

По издавањето на стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ во 2019 и романот „Денот кога не се разбудив“ (2020), ова е третиот ракопис на Божиновски кој вели дека го завршил за пет дена додека интензивно го држела инспирацијата.

„Првиот роман го напишав за три дена. Новиот е малку покомплициран – го завршив за пет дена. Пишувам додека ме држи некоја инспирација или енергија, можеби да си дадев еден месец ќе беше многу подолг и подобар романот, но немаше да ја има оригиналната форма и замисла, да се чита брзо и да остави емотивна трага. Финалната верзија е прва верзија, повеќе сакам романот да биде автентичен, отколку да биде добар“, раскажува Килингтон за своето најново пишувачко дело.

„Уништување“ е емотивна, брутално соголена, интензивна и приказна напишана во филмски манир. Промоторката на книгата, уредничката Татјана Димовска-Атанасова, истакнува дека Моџо Килингтон во овој роман се занимава со прашањата на колку сè начини можеме да си го уништиме животот, дали заслужуваме нова шанса и дали можеме да избегаме од себеси.

„Четириесет и двегодишниот доктор Јан Рајсберг, сопруг на Марија, татко на Лотар и Ана, кој еден ден дава отказ. Се гледа во огледалото во тоалетот на еден бар и се прашува: „Кој сум јас?“ Тагата повеќе сликала на неговото лице, а се чини дека среќата не ја ни допрела четката… Изгледаше… Поинаков. Тоа не беше човекот кој го знаеше. Ниту човек кој сака да го запознае. Тоа беше маска на еден минат живот на кој му стави крај кога уринираше врз фикусот на директорот на клиниката. Првата вечер кога се почувствува слободен, ја поминува во ќелија во полициската станица каде што запознава млада девојка. Следуваат ноќи исполнети со забави, алкохол, дрога и секс…“, пишува во описот за книгата.

Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Препознатлив е по популарната македонска комична телевизиска емисија „Фчерашни новости“. Работи како сценарист на серијата „Преспав“ и ја води рубриката (Не)реално со Моџо Килингтон, во рамките на политичкиот магазин „Трилинг“ на Телевизија 24.