fbpx

Промовиран шестиот том од „Толковен речник на македонскиот јазик“

-

Јазикот е значаен сегмент од целокупното културно наследство на еден народ. Тој е компонента што го детерминира потеклото на народот, неговото минато и без него идентификацијата во светски контекст е невозможна. Токму затоа јазичното богатство, вметнато меѓу кориците на македонскиот толковен речник е непроценливо богатство за нашиот народ.

Ова го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во обраќањето на денешната промоцијата на шестиот том од „Толковен речник на македонскиот јазик“, кој содржи зборови од буквата „т“ до „ш“. Таа подвлече дека оваа публикација е од највисок национален интерес и претставува капитално дело за македонската лингвистика.

– Денешната промоција е исклучително значајна бидејќи со заокружувањето на овој проект, чија реализација беше поддржана од Министерството за култура, ние добиваме дело кое ја носи во себе информацијата, доказот, фактите за тоа колку е единствен и поинаков нашиот јазик од другите, колку тој во себе носи богата лексика, синтакса и колоритност со безброј изразни средства, кои може да се прикажат во еден речник. Создавањето на толковниот речник е несомнено историски чин со кој сите ние, а верувам и генерациите по нас, ќе се гордеат со посебно чувство на припадност и на идентитет – рече министерката Канческа-Милевска.

Еден од промоторите на публикацијата, проф. д-р Људмил Спасов, се согласи дека станува за историско остварување, проект со кој една нација со својот стандарден или литературен јазик станува дел од пошироката култура, кога може да си го растолкува своето зборовно богатство со сопствениот јазик.

– Проектот е многу тежок, обемен и долготраен. Истовремено, мораме да признаеме дека не наидувал само на отворени патишта туку и на пречки во неговото остварување и е почнат многу одамна, практично од основањето на овој Институт бидејќи постои една огромна картотека на македонското зборовно богатство. И сега сме во моментот кога имаме едно целосно остварување – рече Спасов.

Тој нагласи дека не треба да го заборавиме и македонскиот толковен речник со српско-хрватски толкувања, чиј главен редактор беше Блаже Конески, што е и, вели, основа и појдовна точка на овој проект. Спасов упати и забелешка за, како што рече, исклучетелно малиот број примероци во кои е отпечатен „Толковен речник“ од првиот до шестиот том и изрази надеж дека наскоро ќе излезе негово второ издание во доволен број бидејќи треба да го има секоја културна и јавна институција во Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...