Фото: Влада на РСМ

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, денес, на прес-конференција го промовираа новиот Национален геопортал на просторни податоци, којшто од неодамна е пуштен во функција.

Вицепремиерот Битиќи, којшто е и претседател на Советот на Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП), посочи дека новиот Геопортал е дел од иницијативата на Владата за зголемување на транспарентноста на работата на јавниот сектор и достапноста до гео-просторните податоци до сите граѓани и стопанството.

„Токму затоа се ставаат на располагање податоците од НИПП гео-порталот, да може да ги користат државните органи, стопанството и граѓаните. Со еден клик на НИПП гео-порталот може да се дојде до бараната информација, може да се видат катастарските парцели, хидрографската мрежа, патната мрежа, начинот на искористување на земјиштето, зградите, географските имиња, висинскиот модел на теренот, ортофото картата, како и други податоци“, рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека во текот на пандемијата, НИПП Геопорталот на многу корисници им овозможува онлајн пристап до гео-просторните податоци од нивните домови.

„Дигитализацијата е иднината на светот, а со воспоставување на овој нов геопортал, со само еден клик, им овозможуваме на граѓаните, бизнисите, на државните институции, да пристапат до мноштво гео просторни податоци, со што значително се олеснува и забрзува секој процес“, нагласи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Националниот Геопортал содржи повеќе компоненти: апликација за пребарување, каталог на метаподатоци со алатка за креирање на метаподатоци, апликација за прегледување на мапи односно ГИС прегледник, регистри, административен модул и основен модул за е-комерцијални услуги.

Во моментов на Националниот геопортал се објавени 161 мета податоци и 79 веб сервиси кои се однесуваат на 82 видови на просторни податоци објавени од страна на 5 институции (АКН, МЗШВС, ЦУК, УЗКН и АПП), што покажува дека гео-порталот е во напредна фаза, но се уште има потреба од негово континуирано надополнување со нови податоци.