Промовиран документ со предлози за подобрување на менталното здравје кај младите

Фото: Alex Iby on Unsplash

Денеска се одржа завршниот настан за презентирање на документот за јавна политика „Ментално здравје – сега е моментот“, информираат од тимот на Младите можат.

На настанот се водеше дискусија помеѓу психолог м-р Тиана Ивановска, наставник д-р Фанче Јошевска и Ева Цветковска – претседателка на УСС на УКИМ на теми кои се опфатени во документот за јавна политика, како и предлози за подобрување на менталното здравје кај младите.

Настанот беше отворен од м-р Марко Ѓоргиевски (директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност) и Дијана Мицевска (координатор на проектот), а се изјасни и авторката на документот за јавна политика – Јасмина Михајловска.

„Од соработката со Младите можат сфатив дека младите навистина можат, а со соодветната поддршка ќе можат уште повеќе. Потребно да почнеме од основата за понатаму да можеме да навлегуваме во попрецизни проблематики“,  изјави Јасмина Михајловска.

За време на панел дискусијата, присутните имаа можност да ги чујат ставовите на засегнатите страни и нивните предлози за подобрување на состојбата на менталното здравје на младите во нашата држава.

„Проблемот е систематски, па затоа и решението е систематско. Проблемот дека на психолозите им се дава административна работа е реален, но оние кои навистина сакаат да направат промена го немаат просторот и ресурсите за тоа. Најважно е да има желба за промена, а потоа и државата да има уво за да ги чуе барањата“, вели психологот м-р Тиана Ивановска.

„Мораме да влијаеме на размислувањето на учениците и да ги спремиме за понатамошните предизвици во животот. Проблем е што акцентот не е ставен на менталното здравје на учениците, туку само на учениците кои имаат одреден вид на потешкотии“, рече наставничката д-р Фанче Јошевска.

Ева Цветковска, претседателка на УСС на УКИМ изјави дека било спроведено истражување заедно со студенти и професори од Институтот по психологија и дошле до резултат за огромен процент на студенти, кои доколку имаат услови, би ја искористиле психолошката помош која им е укажана.

„Затоа се обративме до МОН со предлог да се формираат постојани канцеларии на психолози на УКИМ кои ќе бидат бесплатни, но за жал наидовме на проблеми со министерство за финансии и УКИМ и оваа реална потреба за сега останува неостварена“, изјави таа.

Во текот на изминатите месеци се организирани тркалезни маси во четири различни региони на територија на Р. С. Македонија, преку кои, своите ставови ги споделија млади, професори, наставници, родители и психолози.

Врз основа на заклучоците од тркалезните маси беше креиран токму овој документ за јавна политика, велат од Младите можат. Како краен заклучок на дискусијата, произлезе потребата сите институции да се фокусираат пред се на превенција: Да ги научат младите што е всушност ментална хигиена, на начин кој ќе биде прилагоден на нивната возраст.

„Ментално здравје – сега е моментот“ е проект кој Здружението на граѓани Младите можат во партнерство со Y-peer Македонија, го спроведува како дел од Еразмус плус програмата поддржана од Европската Унија.