Дигитален толковен речник на македонскиот јазик денеска беше промовиран на платформата makedonski.gov.mk, по повод одбележување на Денот на македонскиот јазик (5 Мај) и 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Речникот содржи 100.000 зборови, со можност за надградба.

Премиерот Зоран Заев истакна дека овој дигитален толковен речник им се става на располагање на граѓаните, сонародниците во дијаспората, научниците кои можат да ги ползуваат отворените ресурси. Заев истакна дека наредниот период истиот ќе се надоградува од страна на академици, научници под надзор на Институтот за македонски јазик, за истиот да расте и да се развива.

Премиерот истакна дека Владата ќе го стави на располагање кодот на сите заинтересирани програмери, ИТ компании кои во иднина би развивале одредени апликации за развој и користење на јазикот.

Премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски заедно со директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јовановска-Грујовска и Снежана Велковска, раководител на електронското издание на точковниот речник | Фото: Принтскрин видео

Според Заев овој толковен речник сведочи за различноста, посебноста и автентичноста на македонскиот јазик во споредба со другите словенски и светски јазици.

Директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јовановска-Грујовска истакна дека на едно место на платформата може да се најдат толковниот речник со пребарување, како и правописот кој е во пдф формат и наскоро на него ќе може да има пребарувања.

Во своето обраќање таа истакна дека се надева дека на следното одбележување на Денот на азбуката, Институтот ќе биде подмладен со нови кадри, а овој речник се подарува на македонските граѓани и на светот.

Снежана Велковска која е раководител на електронското издание на толковниот речник истакна дека оваа платформа е најдобар одговор на нападите од надвор и од внатре и сведочи за сличностите и разликите помеѓу македонскиот и другите јзаици. Во него се вметнати 20 нови лексеми, подобрени дефиниции, исправени грешки од печатеното издание.

Таа истакна дека од големо значење е меѓуинституционалната соработка, и го даде примерот со Словенија на чиј што речник работеле 100 стручњаци од различни области, па секој во својата дејност го толкувал значењето на зборовите. А тие пак губеле драгоцено време за толкувања на одредени зборови, чии што одговори во одредени институции веќе ги има.