Промотивни настани на тема „Креативна Европа Дома“, на 8, 9 и 15 јуни

Фото: Christian Lue on Unsplash

Министерството за култура (МК) соопштува дека на 8, 9 и 15 јуни 2021 година во НУ Музеј на современата уметност – Скопје и во ЈУ Младински културен центар (МКЦ), организира промотивни настани на тема „Креативна Европа Дома“. Тие се посветени на искуствата во спроведувањето на програмата Креативна Европа – Култура на ЕУ и на нејзината рефлексија на национално и на регионално ниво.

На 15 јуни, со почеток во 10:30 часот, во МКЦ ќе се одржи тркалезна маса на тема „Креативна Европа – Перспективи на Западен Балкан“, на која ќе учествуваат министерката за култура, Ирена Стефоска и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, заедно со организациите поддржани од пилот-акцијата на програмата Креативна Европа – Култура посветена на културната соработка со земјите од Западен Балкан.

„Настаните се од интерактивен карактер, со цел обезбедување плодна дискусија и во насока на заедничка конструктивна соработка“, соопштуваат од министерството и додаваат дека најдоцна до 7 јуни треба да се пријави учеството на електронска адреса: [email protected], со нагласување на деновите кога се планира учеството.

Од ресорот култура посочуваат дека настаните се организирани од Канцеларијата за Креативна Европа – потпрограма Култура, во соработка со ЕУ, Канцеларијата на Креативна Европа – Култура на Србија, корисници на потпрограмата Култура во периодот од 2014 до 2020 година и други партнери.