fbpx

Промоција на инклузивна сликовница „Буква по буква – азбука“ по повод празникот на просветителите Свети Кирил и Методиј

-

Во дворот на Клубот на пратеници денеска беше одбележан празникот на сесловенските учители и просветители Светите браќа Кирил и Методиј, со промоција на инклузивната сликовница-буквар со наслов „Буква по буква – азбука”. Таа е создадена во три форми на азбука, кирилица, знаковниот јазик и брајовата азбука, за луѓето без и со попреченост да можат да комуницираат меѓу себе.

Во присуство на повеќе соработници на проектот, покрај премиерот Зоран Заев, на настанот се обратија и претседателката на Здружението „Свет на различни, а еднакви“ и авторката на букварот, Гордана Симоновска-Момироска и рецензентот и промотор, Горјан Петрески.

Премиерот Заев истакна дека оваа сликовница, како дел од проектот „Правото да читаш не е посебна потреба“ на здружението на граѓани „Свет на различни и еднакви“ е револуционерна новина, што ги задоволува потребите на сите читатели и овозможува да ја читаат деца со и без попреченост на видот, но и возрасни лица со оштетен вид.

„Посебна симболика претставува што оваа промоција се одржува на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј. Нивната мисија на обединување на словенските со другите народи на Европа пред нешто повеќе од 1.150 години, покрај христијанизацијата на словенските народи, имала и извонредно и единствено историско-културолошко и епохално просветителско значење”, рече Заев, посочувајќи дека глаголицата на Свети Кирил, е основата на подоцнежното кирилско писмо, од кое неколку века потоа се кодифицирале современата македонска азбука и јазик.

Заев изрази задоволство што сликовницата „Буква по буква – азбука“, е поддржан и од Владата, како дел од останатите владини активности за афирмација на негувањето и промоцијата на македонскиот јазик и на јазиците на другите наши заедници.

Авторката Симоновска-Момироска говореше за инклузивната сликовница, „Буква по буква-азбука“ со пораката: „Правото да читаш, не е посебна потреба!“, притоа нагласувајќи го трудот, љубовта и задоволството со кои работел тимот.

„Велат, познавањето на туѓите јазици е вистинско богатство, но тогаш кога ќе умееме да ги препознаваме и формите на азбуките, со коишто се општи, верувајте, тоа богатство станува бесценето“, порача авторката, најавувајќи дека иста содржина се подготвува и на албански јазик, како и на другите јазици кои се говорат кај нас.

Поетот Горјан Петрески посочи дека она што треба посебно да се истакне е податокот што овој насушно потребен проект е збогатен токму со брајова и знаковна азбука што првпат се случува во издаваштвото кај нас.  Петрески, цитирајќи го Тони Пајдаков, секретар на Здружението на слепи лица во Велес, порача дека „покрај едукативниот дел, инклузивната сликовница „Буква по буква – азбука“ е наменета за раниот детски развој и е силна алатка за подигнување на јавната свест за постоење лица со попреченост, (глуви и слепи лица) и за начинот на кои тие се описменуваат.

„Буква по буква-азбука“ од утре ќе биде достапна за читателската публика и со секоја купена инклузивна сликовница за децата, се донира и за хуманитарни активности на Здружението на граѓани „Различни, а Еднакви“. Дел е наменет за Сојузот на слепи лица во Велес на кои им е потребна уште една машина за печатење на брајово писмо.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...