Промоција на првата книга на Бомбакис – „Живот“

Насловната страница на книгата „Живот“

Вчеравечер во „Гарсон бар“ се одржа промоција на книгата „Живот“ од Бомбакис. Бомбакис или Кристијан Станковски или како што некои го знаат дечкото со картони од Аеродром ја напиша својата прва книга инспирирана од сопствениот живот.

Неодамна и самиот објави за излегување на автобиографската книга во продажба, додека веќе некое време се знае за неговата емотвина прикзна за борбата со ракот во која успеа да извојува победа.

На своите профили на социјалните мрежи истакнува дека наишол на многу негативни коментари во однос на пишување и издавање на книгата, но како што вели тоа повеќе не е важно и книгата ја посветува на оние кои биле со него во најтешките мигови.

„Ми велат премлад си, 30 години имаш, што знаеш ти што е живот, кој си ти да пишуваш книга. Но, не им се лутам, не би бил „Позитива“ кога би се лутел. И јас бев таков пред да си го сменам животот за 360 степени“, стои на неговиот Инстаграм профил под објавата за најава на книгата.

По своето обраќање на промоцијата во знак на благодарност кон посетителите кои дојдоја со забележителна бројка, Бомбакис ни ја откри главната причина за одлуката да ја издаде книгата.

„Тоа што ми се случи во животот ме убеди да ја издадам книгата. Она што сакам да им го порачам на луѓето е дека треба повеќе да си го ценат животот, и да се цениме самите себе и нашите најблиски. Денес сме тука, утре нѐ нема“, вели Кристијан.

За својата натамошна пишувачка кариера, Станковски рече дека би почекал на реакциите на читателите за првата книга, па можеби ќе продолжи да се занимава со пишување и да издаде уште книги.

Инаку, целиот настан имаше пријатна и опуштена атмосфера исполнета со македонски евергрин песни. Паралелно за време на целата промоција преку видео проектор на платно се прикажуваа слики од животот на Бомбакис со што сликовито можеше да се долови темата на неговото прво пишувачко дело.