Промоција на нови книги за деца и млади од Винка Саздова, Јагода Михајловска-Георгиева и Венко Андоновски

Фото: Издавачки центар „Три“

Денеска во 18 часот, во Градскиот парк на Школка ќе промовираат новите книги за деца и млади: Ѕвездена Џунгла одд Јагода Михајловска-Георгиева, „Ти носам пустински песок“ од Винка Саздова и „Имаш пчела во носот“ од Венко Андоновски. Ќе се промовираат и сликовниците „Стела и Сани“ и „Еден облак бел и 12…“ од Бистра Георгиева со илустрации од Катерина Николовска, информираат од Издавачкиот центар „Три“.

Оттаму додаваат дека целиот проект, што ги опфаќа книгите во издание на Паблишер, е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој, а е во соработка со „Вертиго Вижуал“, кои се творците на овие двајца анимирани херои.

„Целта на овој проект е да ја искачи книжевноста за деца чекор погоре на скалата на уметнички, образовни и морални вредности. Токму затоа книгите се пишувани од едни од највлијателните творци на македонската проза. Макар што Сани и Стела се ликови во сите книги, тие се наоѓаат во различни ситуации и се на различна возраст. „Ѕвездена џунгла“ од Јагода Михајловска-Георгиева ќе ги однесе најмалите до вселената заедно со Едан и Асја, Винка Саздова, пак, во „Ти носам пустински песок“ ќе ги наведе малку поголемите нестрпливо да ѕиркаат во поштенското сандаче, а Венко Андоновски ќе ги повика тинејџерите да го допишат романот „Имаш пчела на носот“.  Но иако се наменети за деца од различни возрасти, од најмали до тинејџери, книгите имаат иста идеја: квалитетна литература,“ се додава во соопштението.

Настанот ќе изобилува со активности, организирани на тој начин што ќе ја поттикнат детската љубопитност и желбата за знаења.

„Низ забава, почнувајќи од средба и читање со авторите, преку пеење со Стела и Сани, работилници и играње, децата ќе можат да стекнат трајни спомени од овие поучни и неповторливи мигови,“ велат од Три.