Промоција на книгата „Полиграф“ од Пијан Славеј вечерва во рамките на „ПРО-ЗА Балкан“

Фото: Прозарт медиа

Пијан Славеј ја издаде својата нова поетска книга насловена „Полиграф“.

Третата книга на музичарот и автор Бранислав Николов, познат под псевдонимот Пијан Славеј ќе биде промовирана вечерва со почеток во 21:00 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.

Промоцијата што ќе биде проследена со музички перформанс од авторот ќе се одржи во рамките на 10. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, кој беше отворен вчера во Даут-пашиниот амам во Скопје.

Пред промоцијата, во 20 часот ќе се одржи разговор на Александар Прокопиев со режисерот Рајко Грлиќ. Расказ од Грлиќ ќе чита актерот Петар Арсовски.

Пијан Славеј е музички перформер, автор и пејач во групата „Фолтин“. Како дел од групата, зад себе има девет студиски изданија, музика за преку триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои, кандидатот за наградата „Оскар“ – филмот „Медена земја“. Надвор од работата во групата, одржал концерт со Македонската филхармонија, настапува како кантавтор и досега има објавено две поетски збирки „Креветизам и хоризонтала“ и „Срчки“.