Во организација на „Тиииит! Инк.“ на 9 декември ќе биде промовирана книгата „Оние работи: Есеи за женската сексуалност“, од хрватската авторка Јасна Јасна Жмак. Промоцијата ќе се случи во „Netaville“.
Книгата е збирка есеи во кои Жмак отворено и истражувачки се занимава со теми кои честопати се маргинализирани во јавниот дискурс – женското тело, сексуалноста, интимноста, родовиот идентитет, менструацијата, телесните норми и гинекологијата. Преку комбинирање лични искуства со современа сексолошка литература, авторката нуди остар и духовит феминистички поглед на прашањата за телесноста и интимноста како политички и општествени категории.
Македонското издание е уредено од Грација Атанасовска, а преводот од хрватски јазик го потпишуваат Мања Величковска и Фросина Крушкаровска. Книгата ќе ја претстави писателката и професорка Румена Бужаровска, по што ќе следи разговор со авторката, преведувачките и уредничката. Изданието е второ во новата едиција „Vagina Dentata“ на „Тиииит! Инк.“, чија главна уредничка е Јана Коцевска.
Жмак, драматургина, писателка и доцентка на Академијата за драмска уметност во Загреб, е позната по својот храбар пристап кон темите на родот, сексуалноста, авторството и културната репрезентација. Настанот се реализира со поддршка од Kvinna till Kvinna, Амбасадата на Шведска во Северна Македонија и Equality Fund.
