Промоција на книгата „Дух во школка“ од Сунчица Уневска

Фото: Издавачка куќа „Аквариус“

Новата книга со рецензии од новинарката и филмска критичарка Сунчица Уневска, „Дух во школка“ ќе биде промовирана утре (15 септември) во рамки на Скопскиот филмски фестивал.

Промоцијата ќе започне во 19 часот и ќе се одржи во киносалата на Кинотеката на Македонија. Според најавата промоцијата ќе биде интерактивна дискусија во која ќе можат да се вклучат и присутните.

Ова е четврта книга на Уневска, а истата се навраќа на концептот на нејзината прва книга, „Седмиот печат“.

Како што вели Уневска во својот предговор, по цели шест години од првата книга сметала дека е време за нова книга со филмски рецензии, која ќе се осврне на филмските дела од цел свет на еден поинаков, есеистички начин.

„Дух во школка“ е поделена на 16 глави за кои Уневска вели дека била мотивирана токму од денешниот ефемерен пристап кон делата, сакајќи да се осврне на теми чие време на изминува, теми кои дури и кога не се видливи се тука, бидејќи во себе ги носат вредностите што го одредуваат нашето живеење.

Книгата „Дух во школка“ е во издание на „Аквариус“, а издавањето е поддржано од Министерство за култура. Дизајнот на корицата е на Игор Манојловски, а уредник е Ненад Гвозденовиќ. Книгата е отпечатена во печатницата ДАТАПОНС од Скопје.