Промоција на книга за тајното женско училиште во Струга од Дијана Петрова

Романот „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ е интригантно четиво за некои од пресвртните моменти на македонскиот 19. век - тајното женско училиште „Ученољубие“

Во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје утревечер со почеток во 19 часот ќе биде промовирана книгата „Излегувањето од сенка“ од Дијана Петрова.

Промотор на романот е Иван Антоновски, модератор на настанот е Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски. Настанот ќе се одржи во спомен-собата „Т’га за југ“.

Романот „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ е интригантно четиво за некои од пресвртните моменти на македонскиот 19. век – тајното женско училиште „Ученољубие“.

Неколку жени перачки – Митра Миладинова и Султана Миладинова, поттикнати од понудената поддршка на рускиот славист Виктор Иванович Григорович – кои се сретнуваат на реката Црн Дрим во Струга, првпат почнуваат да зборуваат за тоа каков би бил светот кога би им се дало глас на жените. Покрај реката почнуваат да учат да читаат и да пишуваат, стануваат учителки кои го шират почнатото таинствено дело низ сечиј дом и душа. Стануваат своевидни интелектуалки кои наоѓаат начин преку анонимно објавувани статии во весниците да допрат до светот. Против неправдата која неколку векови ги обвивала сите, почнуваат да зборуваат и да се борат со дело кое му пркоси на времето и на заборавот.

Дијана Петрова е родена на 8 април 1992 година во Делчево. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Досега ги објавила романот „Бдеењето над себе“ и збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“. „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“, издание на Антолог, е нејзина трета објавена книга.