Речиси за половина бил намален прометот на најголемите маркети во земјава за време на еднодневниот бојкот што го организираа граѓаните. Управата за јавни приходи објави соопштение според кое прометот на осумте најголеми трговски ланци во петокот до полноќ, изнесувал 114,293,367 денари. За разлика од денот на бојкотот, во четвртокот, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212,782,151 денари.
„Минатиот петок, на 24 Јануари во УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 213,985,705 денари. Според споредбената анализа на податоците од вчера и претходниот петок во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.59 отсто. Во однос на четвртокот, пак, забележан е пад на вкупниот промет за 46.29 отсто“, информира УЈП.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека надлежните институции се на терен во сите поголеми супермаркети, а податоците од анализата на состојбата ќе бидат познати од понеделник.
„Како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните. Сите институции излегоа на терен во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа. Можам да кажам дека нашите стравувања стануваат реалност, така што ќе продолжиме да делуваме“, истакна Мицкоски.
