Промени во содржините на Нетфликс и ХБО поради расизмот во САД

Фото: Afra32 / Pixabay

Американските стриминг платформи Нетфликс и  ХБО Макс воведоа измени во своите содржини, поради последните случувања во Соединетите Држави.

Од својата понуда, новата платформа на ХБО го отстрани филмскиот класик „Однесено со виорот“ (Gone with the wind) од 1939 година. Како причина за отстранувањето, стриминг сервисот го наведе тоа што „филмот содржи етнички и расни предрасуди, кои биле погрешни тогаш, а погрешни се и денес“. Оттаму додаваат дека задржувањето на филмот би било нeодговорно во отсуство на коментар на расистичките моменти.

Истовремено, од ХБО Макс најавуваат дека филмот ќе се врати на платформата на неопределен датум, но ќе биде придружен со дискусија за неговиот историски контекст. „Однесено со виорот“, чие дејство е лоцирано за време на и по американската граѓанска војна, беше честопати критикуван поради начинот на кој го опишува ропството. Филмот е добитник на десет Оскари.

Платформата Нетфликс, пак, објави колекција на содржини под името „Black Lives Matter” (Црните животи се важни) со цел да укаже на искуствата кои ги имаат луѓето со темна кожа. Објавената колекција содржи голем број на филмови, серии и документарци кои зборуваат за животот на афро-американците, како и содржини каде актерите што ги играат главните улоги се токму афро-американци. Некои од најпопуларните наслови се „Orange is the new black”, “Dear white people”, “When they see us”, “Moonlight” и четириесеттина други.

Оваа колекција е првото нешто што корисниците на Нетфликс во САД го гледаат кога ќе се најават на својот профил, по што можат да продолжат кон класичната почетна страница. Нетфликс е една од првите компании кои се занимаваат со шоу-бизнис, а која го поддржа „Black Lives Matter“ движењето.

Фото: Vince Fleming / Unsplash