Пролетва се најавува конечно старт на чистењето на депониите во Источен и Североисточен регион

Фото: Архива на Мета.мк

Минатата година се дадоа неколку рокови за почетокот на чистењето на нестандардните општински депонии во Источниот и Североисточниот плански регион, но ниту еден не беше испочитуван. Сега, од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк информираат дека напролет треба конечно да стартуваат активностите на терен.

Во моментов нема видлива активност на локациите натрупани со ѓубре, но периодов се работи на комплетирање на неопходната документација. Некои од локациите воопшто не се вметнати во урбанистичките планови, што пак го оневозможува добивањето на градежните дозволи кои е неопходно да се издадат пред да започне постапката за рекултивација на создадените депонии.

Од ова министерство објаснуваат дека одобрена е проектната документација од Секторот за централно финансирање и склучување договори на Министерството за финансии, што беше административна постапка која требаше да се заврши изминатава есен. Инаку, со проектот вреден околу 10 милиони евра треба да се затворат нестандардните депонии во 18 општини од двата региона, но и да се исчисти отпадот расфрлан во 30-тина ѓубришта.

Во изминатиов период беа избрани германска и турска компанија, коишто ќе работат одделно на активностите за рекултивација на мапираните локации во двата региона, а избран е и надзорот над градежните работи.

Целокупната постапка подразбира стопирање на натамошното фрлање отпад од страна на општините на постојните депонии, чистење на постојниот кумулиран комунален отпад на овие локации, оградување на целокупниот простор, но и обврска за јавните комунални претпријатија (ЈКП) да водат грижа за локациите по постапката за рекултивација.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање објаснија дека јавните комунални претпријатија ќе имаат обврска за одржување на овие локации, при што тие еднаш годишно ќе мора да вршат мониторинг на квалитетот на подземните води и визуелна проверка на теренот. Воедно, ЈКП се задолжени да ги чистат каналите за атмосферските води, два пати годишно да ја сечат тревата и да вршат топографско набљудување во однос на слегнување на телото на депонијата и стабилноста на прекривката што ќе биде поставена.

Претстојните активности што треба да започнат пролетва се прва фаза од целокупната постапка за затворањето на депониите и ѓубриштата во Источниот и Североисточниот плански регион. Со втората фаза што ќе следи во иднина, треба да се затворат сите преостанати локации, кои во моментов со натрупаниот отпад претставуваат опасност за почвите, водите и воздухот во овие региони.

Во Источниот регион се регистрирани вкупно 12 нестандардни општински депонии и 72 диви ѓубришта, додека во Североисточниот регион има вкупно шест општински депонии за чистење и 32 диви ѓубришта.

Инаку, во 2021 година во неколку наврати се одложи постапката за чистење, затворање и рекултивација на депониите и ѓубриштата во двата плански региона. Првичното ветување од пред една година беше дека планираните активности ќе започнат во текот на март 2021 година.

Веќе на почетокот на мај минатата година, Мета.мк доби информација од Министерството за животна средина и просторно планирање дека чистењето ќе започне кон средината на мај, но ни овој рок не беше исполнет. Тогашното објаснување беше дека во првата тендерска постапка не била избрана компанија како најдобар понудувач, по што се повторила постапката за избор на надзорот над работите.

Македонската влада на седницата одржана на 19 јули 2021 година ја донесе одлуката за затворање на дивите депонии и ѓубриштата во 18 општини од Источниот и Североисточниот плански регион, информираа тогаш од владината прес-служба.

Мета.мк и кон крајот на август 2021 година постави прашања на оваа тема до надлежното Министерство за животна средина, а тогашното објаснување беше дека чистењето на депониите и ѓубриштата и рекултивацијата на просторот ќе започне во септември лани.

И овој рок беше пробиен, а на нашето последно барање за информации во текот на ноември лани добивме информација од Министерството за животна средина дека проектната документација за чистење и рекултивација на локациите е доставена до Секторот за централно финансирање и склучување договори на Министерството за финансии (CFCD), од каде што се чека одобрување и без оваа административна постапка невозможно е да се пристапи кон работа на терен.

Инаку, чистењето, затворањето и рекултивацијата на општинските депонии и ѓубриштата во Источниот и Североисточниот плански регион предвидува серија од активности, за чија реализација е неопходен период од една година од официјалниот почеток на проектот на терен.