Прогласувањето на Шара за национален парк на јавна расправа во Тетово, Гостивар, Теарце и Врапчиште

Јавните расправи за Нацрт законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II- Национален парк, започнуваат идната недела и ќе се одржат во Општините Тетово, Гостивар, Теарце и Врапчиште. Жителите, граѓанските организации и институциите од овие локални самоуправи ќе треба да ги дадат своите сугестии и забелешки за нацрт законот и другите документи со кои ќе треба да се стави во заштита природата и биодиверзитетот на еден од најуникатните предели во земјата. Јавните расправи се чекор пред официјалното изгласување на законот и фактичката заштита на Шар Планина, како подрачје со исклучителни вредности, ретки и ендемски видови и уникатни екосистеми. Јавноста одамна бара соодветна заштита на Шара и спречување на нејзиното уништување, од активности како е нелегалната сеча на дрва, но и од различни градежни зафати што се закана за опстанок на живиот свет, како што е изградбата на малите хидроцентрали.

Од министерството информираат дека, ќе бидат организирани четири јавни расправи и тоа, на 13 октомври, вторник во 14 часот на Универзитетот во Тетово, следниот ден, 14 октомври во 15 часот, во Салата на Советот на Општина Гостивар, и во 18,30 часот во спортската сала во село Неготино во Општина Врапчиште и на 15 октомври, четврток, во 18 часот, во спортската сала во селото Теарце, Општина Теарце.

„Нацрт-Законт е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи www.ener.gov.mk и на веб страната на министерство www.moepp.gov.mk, а сите засегнати страни можат да достават коментари, забелешки и консултации најдоцна десет дена од одржувањето на последната јавна расправа, односно до 25 октомври 2020 година на [email protected]. Заради почитување на здравствените протоколи, учеството на јавните расправи мора да биде најавено на [email protected]“, информираат од Министерството.

Според текстот на Нацрт законот за прогласување на Шар Планина за национален парк, целта е да се зачувуваа автентичната состојба на природата и да се спречат дејствија што можат да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите. Актот предвидува создвање поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа.