Прогласувањето на Шара за национален парк е во заложништво на концесиите за мали хидроцентрали

Село Бозовце, Шар Планина | Фото: Мета.мк

Заробување на малите реки и осудување на смрт на целиот биодиверзитет во околината е последицата од огромниот број на концесии за мали хидроцентрали кои ниту од далеку немаат сериозен придонес кон енергетската слика во земјава. Граѓанските организации апелираат Владата, ако треба и на своја штета, да ги раскине договорите за мали хидроцентрали кои се издадени, но не се изградени и да спаси десетици реки, а со тоа и животот околу нив. Апелите, особено се силни за Шар Планина, каде се изградени 11, а треба да се градат уште 15 вакви објекти, иако во тек е процедурата за прогласување за национален парк. Ставот на екологистите е дека штетата од изградбата на енергетски објекти во заштитено подрачје, во кое има огромен број ендемични или загрозени видови со извонредна вредност е немерливо поголема и пострашна.

Од невладината организација „Еко свест“ сметаат дека како подрачје со исклучителни вредности, ретки и ендемски видови и уникатни екосистеми, Шар Планина одамна требаше да биде прогласена за за заштитено подрачје – национален парк. Проблемот е што концесиите за мали хидроелектрани кои се веќе издадени можат да се изградат и покрај постапката за прогласување за заштитено подрачје, па на некој начин го ставаат во заложништво целиот процес за прогласување бидејќи се во контраст со примарната функција на заштитеното подрачје.

„Владата требаше и по сопствена штета да ги раскине договорите за изградба на мали хидроцентрали на Шара, бидејќи и самата ги издала во спротивност со плановите за заштита на ова подрачје. Во моментот се соочуваме со ситуација каде сакаме и да заштитиме и да ги исполниме обврските од издадените концесии, а двете работи заедно се скоро невозможни“, велат од „Еко свест“.

Фото: Александар Стојановски-Цули , ПК Јелак

Министерството за животна средина неодамна го објави текстот на Нацрт законот за прогласување на Шар Планина за национален парк, за кој наскоро ќе бидат организирани и јавни расправи, пред да се финализира процесот. Целта за заштита на ова подрачје, според овој акт, е зачувувањето на автентичната состојба на природата, како и спречување на дејствија што можат да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите. Актот предвидува создвање поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа.

Изградбата на мали хидроцентрали, пак, спротивно на овие заложби,  прави многу штета каде и да се постават, а особено во подрачје кое треба да биде заштитено. Особено кога сме во трка да се справиме со последиците од климатските промени, кога водата станува скапоцен ресурс без кој нема да имаме храна и без кој здравјето на граѓаните ќе биде нарушено. Истражувањата на „Еко свест“ покажуваат дека зафатите на малите хидроцентрали ги нарушуваат речниот тек и коритото, а со тоа го уништуваат слатководниот биодиверзитет во реките.

Фото: Александар Стојановски-Цули , ПК Јелак

„Кога тоа се прави во заштитено подрачје, каде бројот и вредноста на ендемични или загрозени видови е уште поголемо, штетата е неизмерно пострашна. Но, малите хидроелектрани се појавуваат поради субвенциите од државата, кои стимулираат нивна градба буквално на секоја помала река или поточе. Дополнително на тоа, малите хидроелектрани се предмет само на еколошки елаборат согласно нашиот закон и добиваат одобрение без одржување јавна расправа, што ги остава локалните заедници без право на глас, а подоцна, како што сме увиделе и без вода за пиење“, нагласуваат од „Еко свест“.

Одбраната на Шара од малите хидроцентрали од неодамна ја поддржува и граѓанската иницијатива „Зелен фронт против изградба на мали хидроцентрали“. Тие изминатиот викенд се приклучија на акцијата на планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово за чистење на еден од најубавите предели на планината, Лешница, кој е исто така под закана од изградба на ваков енергетски објект.

Тие собраа поголема количина отпад, но и симболично порачаа дека тука не треба да има мала хидроцентрала.