Прогласени победниците на конкурсот за најдобар концепт за видео игра на тема „Заштита на животната средина“

фото: УМПАКИ

Тројца основци ги добија првите три награди на конкурсот за најдобар концепт за видео игра на тема „Заштита на животната средина“ во рамки на проектот „Видео игротека“, соопштија организаторите од Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ Скопје.

Првото место го освои Матеј Цветковски од Радовиш, второто Темјана Јорданоска од Скопје, а третото Душко Геразов од Скопје.

Признание за најдобар тимски концепт добија Нина Пантиќ, Мелани Серафимовска и Ева Ивановска од ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ од Скопје.

Според насоките на повикот, право на учество имаа деца и млади на возраст од 7 до 18 години. Децата до 12 години требаше да приложат идеја и цртеж, а младите на возраст од 13 до 18 години да приложат концепт и 2Д/3Д цртеж за играта.

Како што информираа организаторите на конкурсот, за наградите одлучувало тричлено жири составено од Гораст Цветковски, претставник на Македонската асоцијација за развивање игри МАГДА, Бобан Стојчевски, дизајнер на игри и ко-основач на македонското студио за видеоигри Furious Avocado и Милан Петровски, развивач на игри од Битола.

Конкурсот беше дел од проектот „Видео игротека“ во организација УМПАКИ Скопје, кој се реализира со поддршка на Министерството за култура и Делегацијата на ЕУ.

„Целта е да се обрне внимание на бројните еколошки проблеми и енормната потреба од заштитата на животната средина, а воедно децата и младите да се поттикнат да ги користат новите технологии на креативен начин“, велат организаторите на конкурсот.