fbpx

Професијата ви е во опасност, странските новинари ги предупредија македонските

Постои поларизација, недостаток на плурализам, мешање во уредништвото, лоши услови за работа, неодржливи медиумски компании... Добра практика во земјите на ЕУ за стимулирање на квалитетни вести и поразновидна содржина е да се формираат јавни фондови, вели директорот на најголемата новинарска организација во Европа (ЕФЈ)

-

Сметаме дека новинарството во Северна Македонија е во опасност, изјави денеска Рикардо Гутиерез, директорот на најголемата новинарска организација во Европа (ЕФЈ), откако во изминатите неколку дена, на покана на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), претставници на пет меѓународни новинарски и медиумски здруженија одржаа работни состаноци со претставници од клучни институции во земјава.

Средби, како што информираат од ЗНМ, биле остварени со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието Талат Џафери, со директорите на АВМУ и МРТ, со министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, со амбасадите на ЕУ и САД во Македонија и со група новинари.

По средбите, Гутиерез ја истакна загриженоста за состојбата на новинарството во Македонија како и потребата од формирање на фонд за медиумски продукти како начин да се подобри медиумската содржина и да се промовира јавниот интерес.

„Постои поларизација, недостаток на плурализам, мешање во уредништвото, лоши услови за работа, неодржливи медиумски компании… Добра практика во земјите на ЕУ за стимулирање на квалитетни вести и поразновидна содржина од јавен интерес е да се формираат јавни фондови за поддршка на медиумски плурализам (такви јавни фондови постојат во Австрија, Белгија, Хрватска, Данска, Финска, Франција, Холандија, Португалија, Шпанија, Шведска…). Сите приватни медиуми, медиуми во заедницата или непрофитни медиуми, вклучувајќи ги и локалните медиуми, треба да имаат шанса да имаат корист од ова јавно финансирање. Ова треба да ги подобри лошите работни стандарди со кои се соочуваат медиумските работници во земјата и да промовира квалитетни содржини, етичко новинарство и разновидност на уредувачката содржина. Јавниот фонд за медиумски плурализам не треба да биде креиран да ги зајакне медиумските тајкуни, туку да обезбеди независност и разновидност, и да му служи на јавниот интерес“, рече Гутиерез.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски изрази задоволство дека со поддршка на странските партнери се отвора дебата со Владата за формирање на фонд за плурализам за сите медиуми како и согласност за подобрување на транспарентноста на владините институции преку обележување на соопштенијата, видеата и фотографиите со водени жигови.

„Само вака јавноста ќе прави разлика помеѓу новинарски производи и владина комуникација. Освен ова, интензивирани се напорите за реформите во јавниот сервис како и во медиумскиот регулатор, но и за подобрување на статусот на локалните дописници“, рече Чадиковски.

Алабана Шала од „Free Press Unlimited“ во нејзиното кусо излагање се задржа на позитивните законски промени во медиумскиот сектор, укажа на проблемот со неказнивост кога станува збор на нападите кон медиумските работници, но и на проблемот со можната промена во законот кој се однесува на делот за државно рекламирање.

„Од Премиерот и од министерот на МИОА беше кажано дека Владата размислува повторно да воведе државно рекламирање преку плаќање на т.н. кампањи од јавен интерес во приватни медиуми. Ова не загрижува поради најмалку четири причини: Нацрт-предлогот за повторно воведување не е во согласност со законодавството на ЕУ за државна помош, потоа е дискриминаторски за малите медиуми, државното рекламирање преку платени политички кампањи го зголемува ризикот од политичко мешање во медиумите и насочувањето на јавните средства на овој начин не би ја подобрило медиумската содржина“, рече Шала.

Лоренс Хутинг од Европскиот центар за медиумски слободи (ЕЦПМФ) се задржа на инцидентите кога политичари на јавна сцена се обидуваат преку непримерен говор да ги дискредитираат новинарите.

„Со владините претставници разговаравме за итната потреба политичарите и носителите на јавни функции да се воздржат од изјави кои придонесуваат за непријателска клима за и кон новинарите. Позитивно е што нашите соговорници ја потврдија важноста од создавање погодна средина за плуралистички, слободен печат кој може да известува во интерес на јавноста, без страв и без наклонетост. Сепак, ние сме разочарани од недостатокот на посветеност за конкретни активности што ќе доведат до подобрувања. Генерално, ваквото однесување на политичарите ја поткопува довербата во медиумите и им укажува на другите дека новинарите се оправдана цел за вознемирување на социјалните медиуми, за стратешки тужби против учеството на јавноста или за уште полошо“, изјави Хутинг.

Работните средби беа реализирани во рамки на „Fact Finding“ мисијата, чија цел е подобро разбирање на медиумската ситуација во земјата и безбедноста на новинарите.

Од ЗНМ информираат дека во наредниот период ќе биде објавен и детален извештај со препораки за подобрување на состојбата со правата на медиумските работници и медиумите во Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...