fbpx

Проф. Грозданова: Вакцина против ковид треба да се прими еден месец по прележување

-

До каде сме со процесот на имунизација против ковид-19 во државата, што се презема за да се зголеми опфатот на населението со вакцина, што треба да се направи за да се надмине постојниот скептицизам на граѓаните кон вакцините, дали треба да се проверуваат антитела пред да се прими бустер доза, кога да се прими вакцина против ковид по прележувањето на вирусот? Ова се само дел од прашањата на кои на онлајн состанок со новинарите одговараше проф. д-р Александра Грозданова, професорка на Институт за фармацевтска хемија и Национална координаторка за имунизација.

Таа потсети дека лани на 17 февруари започна процесот на имунизација во земјава и кажа дека ако на почетокот притисокот беше поголем и интересот беше поголем кај населението да се вакцинира, сега тој интерес е спласнат.

– Околу 48 отсто од полнолетното население досега е вакцинирано, иако ова е далеку од потребниот процент. Се соочуваме со тренд на намалување на интересот кај луѓето за имунизација. Задршката која здравствените работници ја имаат кон вакцинацијата, а особено кон вакцината на ковид, ме загрижува. За некој ден ќе го одржиме 30-от семинар со здравствените работници на оваа тема. Досега се едуцирани 800 здравствени работници. Поразително ќе биде ако дојде до нас информација дека одредени здравствени работници немаат информации или се промотори на невакцинирањето. Тоа е професионално и етички неисправно – истакна Грозданова.

Таа додаде дека ако некој не верува во медицината, тогаш не треба да биде дел од здравството. Досега се вакцинирани околу 75 отсто од здравствените работници, но сепак, не би требало воопшто да се дискутира дали еден здравствен работник треба да е вакциниран или не, вели Грозданова.

Таа кажа дека превентивната вакцинација не постои од сега, туку ја има со децении наназад. Рече дека некои од помладите доктори за прв пат виделе како изгледаат морбили, токму заради успешноста од вакцинацијата против морбили. Грозданова потсети дека и вакцината за грип се користи со децении.

– Не секоја индивидуа го поминува ковид со иста клиничка манифестација. Имаме од комплетно асимптоматски случаи кои развиваат тешки состојби, до ситуации каде што имаме сериозна клиничка слика, а потоа пациентите немаат значително ниво на антитела. Одредувањето на нивото на антитела, не дава јасна претстава за тоа колку индивидуата е спремна или непремна да прими ковид вакцина. Центарот за заразни болести во Америка, дава препорака да се прими вакцина најбрзо што може по оздравувањето. Праксата во останатите земји е примање вакцина еден месец по прележувањето. Но, треба да се има индивидуален пристап зашто не секој пациент го поминува ковидот на ист начин – појаснува Грозданова.

Таа информираше дека на светско ниво бил пријавен зголемен број на миокардити, односно воспаленија на срцевиот мускул посебно кај машката популација до 35 години и тоа известување влегло како дел од внатрешното упатство на вакцината. Грозданова појасни дека станува за состојба која поминува и е далеку од животозагрозувачка состојба.

На прашање на Мета.мк, како ќе се реши проблемот со патувањата во земјите на ЕУ за оние граѓани кои имаат примено Спутник, вакцина која не се признава во некои земји, таа одговори дека со примањето на третата бустер доза, во ЕУ сертификатот ќе пишува примени три од три дози и ќе се гледа само последната примена.

– Мене ми е драго дека покрај новинарите и голем дел од здравствените работници се вакцинираа со Спутник. На почетокот беше задршката околу мешањето на вакцините, но видовме дека од здравствен аспект, не е пречка после две примени вакцини како Астра или Спутник, третата да биде Фајзер. Во однос на патувањата, изборот е на земјата во која треба да се патува. Спутник не се признава секаде во секоја земја, но добро е тоа што сега на нашиот европски сертификат, ќе ви пишува примени три од три дози и ќе се гледа само последната. Тоа ќе биде олеснителен начин за патување. Во однос на сертификатите, се следат интернационалните препораки – појасни професорката.

За тоа, дали треба да се проверуваат антитела пред да се прими трета доза, таа кажа дека тестирањето на антитела не го гледа како постапка која мора да е задолжителна, имајќи предвид дека нивото на антитела дава половина слика од онаа што ја обезбедува вакцината, затоа што во позадина работи клеточниот имунитет, а и  мемориските клетки се активирани.

– Како ќе одредите кој е тој праг под кој или над кој ќе кажете во која мерка сте заштитени? Препораката би била дека граѓаните не треба да се оптоваруваат со проверка на своите антитела. Три месеци после кинеските и шест месеци после другите вакцини, треба да се прими бустер дозата, зашто во тој период вакцините обезбедуваат заштита на популацијата. Вие може да примите две Фајзер дози и да немате високо ниво на антитела, или да примите една доза кинеска, а да развиете многу антитела. Никаде нема да најдете препораки за проверка на антитела – рече Грозданова.

Во врска со драстично намалениот интерс за вакцинација, таа одговори дека мора да се гледа пошироко на проблемот со незаинтересираноста.

– Луѓе што не сакаат вакцини не живеат само кај нас, туку живеат насекаде. Ако имаше ефикасна мерка за подобрување за вакцинацијата на овие лица, верувам дека досега и другите земји ќе ја применуваа. Дека можело подобро во однос на кампањи за вакцинација, се сложувам дека можело и подобро. Од друга страна, агресивни се и дезинформациите, лажните вести. Можеби треба да се најде друг канал на комуникација со граѓаните. Но, ние имавме период и кога без кампања имавме одличен одзив за вакцинација – рече професорката.

Таа информира дека ќе има посебно тело кое ќе ги дефинира здравствените состојби, во кои примањето вакцина ќе има контраиндикации.

– Специјалисти ќе го дефинираат тој список. А пациентите кои заради такви болести не можат да примат вакцина, треба да се обратат прво кај нивните специјалисти кои ги водат за нивната болест. Специјалистот треба да знае кога е тој прозорец кога пациентот е во добра состојба и кога е препорачливо да се вакцинира. А како ова административно ќе се реши во однос на издавањето потврда, верувам дека министерството ќе најде решение – додаде Грозданова.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...