fbpx

Проевропски Грузијци, а не странски платеници, се организатори на протестите против Законот за странски агенти

Организатори на протестот не се „странски платени секташки невладини организации“, туку Грузијци, меѓу кои и професори, доктори, студенти, активисти, политичари од опозицијата и работници, пишува Вистиномер

-

Организатори на протестот не се „странски платени секташки невладини организации“, туку Грузијци, меѓу кои и професори, доктори, студенти, активисти, политичари од опозицијата, работници итн. Нивната демократска волја е да работат за Грузија внатре во Грузија, на начин што ќе промовираат европски вредности и слободи, развивајќи го граѓанското општество, борбата против корупцијата и слободниот говор, пишува Вистиномер.

Текстот го пренесуваме во целост:

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Каков шамар од Грузија до западните лудаци кои мислеа дека може да одат таму, да протестираат против владата и да им кажуваат што да прават со странските платени секташи NGO.

Во склоп на објавата се споделува и фотографија од реакција на Маргус Цакна, министер за надворешни работи на Естонија, кој вели:

 Во неверување сме од изборот на парламентот на Грузија да не ја искористи историската можност да продолжи со европската интеграција и да го остави својот народ во чекалната за проширувањето, на неодредено.

Реакцијата на Цакна, како и протестите на кои се реферира во објавата што ја рецензираме, се однесуваат на неодамна изгласаниот во Парламентот на Грузија закон, кој што предизвика масовни повеќенеделни демонстрации во Грузија. Тој се нарекува „закон за странски агенти“. И покрај тоа што претседателот на Грузија стави вето, тоа не беше доволно за законот да не стапи во сила.

Законот „за транспарентност на странското влијание“ наложува сите организации кои добиваат повеќе од 20 проценти од нивниот буџет од странство, да се регистрираат како аненти на странско влијание, со наложени парични казни за оние кои нема да се однесуваат во согласно со законот. Владејачката партија во Грузија „Dream“ го предложи законот со изговор дека ќе „промовира транспарентност и ќе се бори против псевдо-либералните вредности“ наложени од странците.

Не е точно изнесеното во објавата што ја рецензираме, дека повеќенеделните протести кои се случуваат масовно во Грузија во пресрет на изгласувањето на овој закон, колоквијално наречен „закон за странски агенти“, биле организирани од „западните лудаци што мислеле дека можат да одат таму да протестираат против владата и да ѝ кажуваат што да прави со странските платени секташки невладини организации“. Протестите, наспроти ова, се организирани и поддржани од луѓе внатре во Грузија, кои живеат и работат во Грузија, имаат про-ЕУ афилијација и се противат на овој, како што го нарекуваат, „руски закон“.

Како што пишува Њујорк Тајмс, протестите се главно организирани од страна на граѓанското општество во Грузија, кое промовира демократија и слободни медиуми и се плаши дека земјата се движи кон авторитарност. Многумина од нив ги координирале своите активности на апликации за пораки со опозицијата на Грузија.

Протестите беа широко прифатени од страна на граѓани во главниот град Тбилиси, а меѓу учесниците биле студенти како и работници.

Многу од демонстрантите во Тбилиси се студенти и професионалци родени во независна Грузија после 1990 година. Тие велат дека се плашат дека нивната држава е на гранична точка и дека демократските слободи, како онаа што им дозволува да протестираат пред Парламентот, може да им биде одземена.

Ако им дозволиме да се навратат на времињата од Советскиот Сојуз, ќе се обидат да ни ја забранат слободата на собирање и говор, вели еден од протестирачите за Њујорк Тајмс.

Нино Жижилашвили, водителка на Формула, една од водечките телевизиски станици во Грузија и декан на факултет за медиуми, вели дека се приклучила во демонстрациите зашто околностите за медиумите се влошени, со зачестени физички напади на новинари.

Бадри Окујава, истражувач во организацијата СовЛаб, која ја истражува историјата на Грузија под Советско владеење е еден од организаторите на протестот.

Русија ѝ направи ужасни нешта на нашата држава, вели тој во изјава за Њујорк Тајмс.

Ека Гигаури, претседателка на Транспаренси интернешнал Грузија, која се фокусира на прашања за корупција, вклучително и корупција поврзана со основачот на партијата Dream (која го предложила контроверзниот закон) вели дека организацијата нема да се придржува и нема да го почитува законот. Таа за Њујорк Тајмс истакнува дека незината работа ја направила константна мета на напади, вклучително и тоа што автомобилот ѝ бил обоен со спреј, како и тоа што нејзиниот лик се појавил на постери со обвинувања дека таа е „странски агент и ЛГБТ пропагатор“.

Овие луѓе дејствуваат во интерес на режимот на Путин. Овој закон за странски агенти ќе ја претвори државата во двор на Русија, вели таа, за владата на Грузија.

Како дел од протестите се наоѓаат и раководители во невладини организации кои им помагаат на медиумите во Грузија. Сите го нарекуваат законот „руски закон“ и велат дека е донесен за да ги замолчи критичарите на Русија.

Со недели плоштадот и улиците околу Парламентот во Тбилиси се одржуваат протести и тоа главно од млади луѓе од Грузија кои ја гледаат иднината со Западот и демократските слободи, а не со потпаѓањето на земјата во „орбитата на Русија“.

Не сакаме да станеме втора Белорусија или Русија, вели 32-годишниот Константин Чакунашвили, педијатар. 

И Европската Унија и САД го критикуваа овој закон поради тоа што е загрозувачки за слободата на говор.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Организатори и учесници во демонстрациите против законот за странски агенти во Грузија не се странски платени секташки невладини организации, туку Грузијци, меѓу кои и професори, доктори, студенти, активисти, политичари од опозицијата, работници итн. Нивната демократска волја е да работат за Грузија внатре во Грузија, на начин што ќе промовираат европски вредности и слободи, развивајќи го граѓанското општество, борбата против корупцијата и слободниот говор.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Податочните центри во Ирска потрошиле повеќе струја од сите домаќинства заедно

Податочните центри во Ирска потрошиле повеќе струја од сите домаќинства во државата заедно, пренесува Гардијан. Според Државниот завод за статистика на Ирска, податочните центри искористиле 21 отсто од електричната енергија...