Како дел од проектот насловен „Монастир“, познатата американска ладино пејачка Сара Ароесте летово во Македонија работела на снимање на видео записи за дел од нејзините песни. Спотовите се снимаа на неколку локации низ Битола, а за нејзиниот проект пишува и „Фајненшл тајмс“.
Ароесте има битолско потекло – нејзиното семејство било иселено од Шпанија поради тоа што биле Евреи. Нејзиниот дедо бил роден во 1907 година во Монастир, денешна Битола. Како што раскажува пејачката во едно од нејзините видеа за проектот, дедо ѝ го напуштил Монастир во 1913 година за време на Балканските војни и заминал во Њујорк заедно со уште неколку еврејски семејства.
Сара вели дека како што растела, така учела за ужасната судбина на Евреите од Монастир за време на Втората светска војна. Раскажува дека била фасцинирана од историјата на нејзиното семејство до тој степен што животот го посветила на пишување и пеење на ладино јазикот, кој што е базиран на шпанскиот јазик, но има елементи и од хебрејскиот.
Во 2017 година Ароесте била поканета да пее во Битола, а за тоа искуство вели дека е неописливо. Во нејзините патувања низ Македонија запознала многу граѓани кои сакале со неа да споделат приказни од еврејскиот живот кој некогаш постоел овде. Подоцна почнала да истражува низ дигиталните архиви на Националната библиотека на Израел и со помош на неколкумина пријатели од Битола го започнала проектот „Монастир“ за кој вели дека е „остварување на соништата“.
Како дел од проектот се и неколку песни, како што вели таа, од македонската еврејска музика. Некои од песните се отпеани на македонски, а дел се традиционални ладино песни специфични за Монастир кои никогаш претходно не биле снимени. Проектот го работела заедно со израелски и македонски музичари. Половина од проектот бил снимен во Израел, а половина во Македонија.
Песните се мешавина од народната приказна и секојдневниот живот. Во „Едно време си бев ерген“, македонскиот пејач Сефедин Бајрамов ја раскажува приказната за невработен ерген кој шета низ градот и се среќава со Еврејка со распуштена коса, пишува „Фајненшл тајмс“.
Албумот посветен на Битола, насловен „Ми Монастир“ (Mi Monastir) содржи десет композиции, а во неговата изработка се вклучени 30 музичари. Mеѓу нив, покрај Бајрамов, се вклучени и битолските музичари Вевки Амедов и Мими Марковски, како и детскиот хор од градинката Естреја Овадија Мара. Албумот ја содржи и „Од Битола појдов“, македонска народна песна која Ароесте ја преработила во модерен аранжман.
За својот албум Ароесте вели дека го пресоздава предвоениот свет на еврејски Монастир. На него се најде и песната „Јовано Јованке“, која за првпат е испеана на хебрејски јазик.
