Проектот „Македонски анимиран филм 1971-1991“ го отвора фестивалот „Балканима“ во Белград

Фото: „Балканима“

Со проектот „Македонски анимиран филм 1971-1991“ денеска се отвора 19. издание на „Балканима“ – Европски фестивал на анимираниот филм, кој се одржува од денеска до 9 октомври (недела) во Белград.

Проектот се состои од изложба на артефакти и филмска проекција на кратки анимирани филмови создадени во периодот од 1971 до 1991 година од пионерите на македонскиот анимиран филм: Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов, Делчо Михајлов, Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатовиќ, Мирослав Грчев и Милутин Рогановиќ.

„Македонски анимиран филм 1971-1991, Помеѓу златна доба и заборав“ се обидува да ја пополни празнината, да ја запознае денешната јавност со делата на авторите и да им даде признание на пионерите и великаните на македонскиот анимиран филм.

Реализацијата на проектот е на Иван Ивановски, заедно со Друштвото на филмските работници на Македонија во соработка со Слободан Јаќоски, Кинотека на РСМ и Вардар филм.