Проектот за субвенционирани станбени кредити од државата „Купи куќа, купи стан“ продолжува и догодина. Граѓаните од 6 до 8 декември на саемот „Купи куќа, купи стан“, кој ќе се одржува во Скопје Сити Мол, ќе можат на едно место да добијат информации од Министерството за финансии, банките кои се во проектот и градежните компании, како да аплицираат за истиот, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска.

Таа посочи дека со годинава направените промени во проектот, значително се подобрени условите за граѓаните кои имаат потреба од поддршка од државата за да се стекнат со сопствен дом.

– Најголема поволност за граѓаните е намалувањето на каматните стапки за одобрување на субвенциониран станбен кредит и тоа: за моделите каде се субвенционира ратата од кредитот од страна на државата, каматната стапка се намали од 3,95 проценти на 2,9 проценти, додека за четвртата и петата година каматната стапка е намалена од 4,44 проценти на 3,9 проценти. И кај моделите каде се субвенционира учеството каматната стапка е намалена од 4,5 проценти+ЕУРИБОР на 4 проценти+ЕУРИБОР. Има нови модели, особено поволни за младите со возраст до и наполнети 35 години. За купување на стан, каде и интересот е најголем, субвенцијата на месечната рата е зголемена од 50 на 70 проценти – ова значи дека во првите пет години од исплатата на кредитот 70 проценти од месечната рата ќе плаќа државата, додека корисникот на кредитот ќе плаќа само 30 проценти. Исто така зголемена е и субвенцијата за моделите каде се субвенционира учеството од 50 на 70 проценти. Ова значи дека доколку корисникот на проектот го искористи овој модел, 70 проценти од учеството од кредитот ќе му го плати државата-рече Ангеловска.

Министерката посочи дека дополнителна нова поволност во проектот е во насока на подигнување на наталитетот во земјата. Имено за секое новородено или посвоено дете во текот на првите десет години од користење на кредитот, корисникот на кредитот добива дополнителна субвенција од 30 проценти на ратата во текот на една година плус.

Ангеловска рече дека има голем интерес за проектот. Годинава има доделено 97 станбени кредити во износ од 3,6 милиони евра и доделена субвенција од 1,1 милион евра, а само последните три месеци има доделено 61 кредит. Од вкупно одобрените кредити годинава за млади се 48. За станови се 71 од одобрените кредити, а останатите се за куќи. Од апликантите 45 проценти се жени, а 55 проценти се мажи. Се очекува до крајот на годината да има околу 150 доделени кредити.

Средства за „Купи куќа,купи стан“ има предвидено и во буџетот за 2020 година.