Проектна задача на студентка за иднината на роботиката објавена во списание као научен труд

Принтскрин од е-издание на списанието

Теодора Петровска која живее во Тетово и моментално студира на Факултетот за електротехника и информациски технологии, претходно оваа година матурираше во средото општинско училиште, гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово. Како дел од задолжителното полагање на завршниот испит во средното образование, Државна матура во чиј состав влегуваат два екстерни и два интерни предмети што ги полагаат учениците е и изработувањето на проектна задача. Неодмана, проектната задача на Теодора беше одобрена и објавена како научен труд во последно издадениот број на меѓународното списание за теорија и практика на образованието „Просветно дело“, 3, 2021, год. LXXIX.

Се работи за проектна задача во која главниот предмет на истажување е влијанието на роботите врз работните позиции на луѓето. Во изјава за Мета.мк, Теодора накратко раскажува за идејата и процесот на изработка на нејзиниот труд.

„Роботите претставуваат феномен за којшто луѓето имаат најразлични мислења, и позитивни и негативни. Ние ги разгледуваме и двата случаи и даваме објективен приказ изразен процентуално преку графикони. Заклучокот за тоа дали роботите нанесуваат штета или му помагаат на човештвото произлегува од анкетата направена на Гугл формулар во којашто учествуваат испитаници од различен социјален статус и од најразлична возраст. Сепак, како што се развива технологијата така и дебатата поврзана со роботиката станува сѐ поактуелна, па само останува да ги оставиме можностите отворени и да продолжиме да ја истражуваме роботиката“, вели Теодора за темата на нејзиниот истражувачки проект.

За објавување на текстови во списанија кои подлежат на оската на истражувања и докази што подоцна се обележуваат како научни трудови потребно е истите да се приспособат согласно ISO (International Organization for Standardization) стандарди.

„Проектната задача беше прифатена во целост од страна на меѓународната редакција на списанието. При подготовката на текстот се придржував според техничките барања коишто ги пропишува списанието“, објаснува студентката.

Петровска вели дека својот интерес го насочила кон студиската програма Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика поради молњевитиот развој на севкупните технички достигнувања што во најголема мера го менува нашето етаблирање и егзистирање во општественото опкружување.

Теодора Петровска, лична архива

„Се трудам да успеам да ги завршам обврските што се поставени пред мене, за што е потребна бескрајно вредна работа, трудољубивост, постојано одрекување од маргиналните задоволства и стрпливо, вредно, чесно прибирање на знаења. Сепак, заради надополнување на мојата личност со искуства и проценување на вистинските хумани вредности, пладневните часови од секој викенд ги исполнувам со активности од областа на неформалното образование. Во дебатниот клуб на Младинскиот образовен форум членувам веќе пет години, а ова ми е трета година како предавам и ги подготвувам средношколците да дебатираат на најразлични теми, барајќи го своето место во општеството. Посебно сакам да истакнам дека нескриена љубов ми е истражувањето во областа на електротехниката и со континуирано учење ќе се насочам да проникнам во длабоките тајни на науката на која ѝ е подарена иднината на вековите што ќе дојдат“, раскажува таа.

Списанието за теорија и практика на образованието „Просветно дело“ е во издаваштво на Здружението за теорија и практика на образованието „Образовни рефлексии“ од Скопје. Прв пат започнало да излегува како весник во 1945 година, а од 1947 излегува во форма на списание и оттогаш до денес се печати во пет броја на годиншно ниво. Првиот одговорен уредник е Блаже Конески, а во моментов за уредување на содржината е одговорен универзитетскиот професор, проф.др. Никола Петров.