Домашниот бруто-производ во третиот квартал од минатата година оствари годишен пораст од 3,5 проценти, што е во согласност со октомвриската проекција, иако стапката на пораст е малку повисока од очекуваната, објави Народна банка.

– За разлика од претходниот период, клучен поединечен двигател на порастот во третиот квартал е личната потрошувачка, при постојани позитивни движења на пазарот на труд и засилување на кредитирањето на домаќинствата. Дополнителен придонес за порастот на потрошувачката имаа пониските цени на енергентите, преку нивното позитивно влијание врз домаќинствата – се вели во извештајот на Народна банка.

Проектираниот пораст на домашниот бруто-производ за 2016 и за 2017 година изнесува 3,5 проценти и 4 проценти. Се очекува дека главен носител на порастот ќе претставуваат извозниот сектор и инвестициите, кои ќе дадат позитивни преносни ефекти врз пазарот на труд и дополнително ќе ја поттикнат потрошувачката на домаќинствата.