Проекција на екофилмови посветени на велосипедот во „Синеплекс“

Фото: „Go green“

Во рамки на Европската недела на мобилност, вчера во „Синеплекс“ се одржа проекција на екофилмови посветени на велосипедот. Во организација на „Гоу Грин“, како дел од проектот „Младинско кино на ЕУ: Зелен Договор“, кофинансиран од Европската Унија, овој настан го посетија 200 ученици од средните и основните училишта од Скопје. Тие имаа можност да зборуваат за важноста за користење алтернативен транспорт кој не загадува, за Европскиот зелен договор и за важноста на филмот во едукација на младите.

На дисуксијата присуствуваа амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, кој се изјави дека екомобилноста е важна во борбата со климатските промени. Возењето велосипед ги намалува гужвата во сообраќајот и загадувањето, а истовремено промовира здрави навики.

Активистот Дарко Арсовски Петровски од иницијативата „НаТочак“, зборуваше за можноста да се поврзат градовите во нашата земја со безбедни велосипедски патеки, овозможување на систем за изнајмување на велосипеди во градовите за подобрување на туризмот но и мобилноста до училишта, работа, рекреација, како и за можноста за комбинирање на транспорот – јавен превоз со велосипедски, железнички и слично.

Саша Станишиќ од Унијата на македонски креативни индустрии зборуваше за за тоа како аудвизуелната индустрија во сите нејзини сегменти (снимање/продукција, дистрибуција и киноприкажување) влијае врз загадувањето на животната средина, какви стратегии и зелени политики развива Европската Унија во насока на надминување на овој проблем и што нашата аудивизуелна индустирја и држава прави за тоа.

Мила Јовановска од „Гоу грин“ зборуваше за тоа дека едукацијата на младите за климатските промени и заштитата на животната средина е многу важна бидејќи тие се идните генерации кои ќе ја наследат планетата Земја.

Европската недела на мобилност се одбележува со цел да се промовира одржливата урбана мобилност, се поттикнуваат промени во навиките во насока на активна мобилност, користење јавен транпорт како и други алтернативи. Оваа година темата е „Подобри врски“ и се одбележува од 16 до 22 овој месец.