По повод Светскиот ден на змиите, утре во дворот на Кинотека на Македонија со почеток во 20.30 часот ќе има проекција на документарецот „Европа: Еден континент, пет света“, информираат од Македонското еколошко друштво.
Станува збор за првата од шесте епизоди на документарниот серијал „Европа“, прв ваков посветен на убавините на европскиот континент и еден од најамбициозните снимени серијали за дивиот свет воопшто. Продуциран од “Light and Shadow TV”, серијалот бил сниман повеќе од 1000 денови во речиси 30 земји, на 50 различни локации. Една од нив е и Голем Град, најголемиот природен остров на македонска територија.
„Скриен среде Преспанското Езеро, Голем Град е едно од најзначајните природни живеалишта за проучување на змиите во Европа, па кај народот е познат и како „Змиски остров“. Иако најчесто се поврзува со поскокот, чија стабилна популација од околу 200-300 возрасни единки ја претставува најгустата на овој вид во светот, вистинскиот симбол на островот е, всушност, змијата-рибарка. Пред дваесетина години нејзината популација на островот се проценуваше на околу 25.000 единки, но денес е опадната на нешто повеќе од 5.000 единки, главно поради климатски и човечки фактори“, велат од МЕД
Камерите ја следат змијата-рибарка, а филмската екипа беше придружувана и од Драган Арсовски, херпетолог во Македонското еколошко друштво. По проекцијата, тој ќе го сподели искуството од снимањето, но и од сите досегашни истражувања на водоземци и влекачи што континуирано се спроведуваат на Голем Град.
Светскиот ден на змиите е востановен во 2013 година со цел подигнување на јавната свест за виталната улога на змиите во екосистемот. Во светот постојат околу 3 600 различни видови змии, од кои 16 можат да се сретнат во државава. И покрај нивната разновидност и прилагодливост, многу видови змии се соочуваат со закани од губење на живеалиштата под влијание на антропогени и климатски фактори.
Филмот е со превод на македонски јазик и е соодветен за деца, а влезот е бесплатен.
