Студенти од Белград и Нови Сад заедно со илјадници граѓани, денеска на голем протест ќе ги затворат трите моста на Дунав, Варадинскиот, Жежељевиот и Мостот на слободата во Нови Сад. Студентите од главниот град пристигнаа синоќа во Нови Сад, откако во четвртокот тргнаа пеш или со велосипеди од Белград. Тие беа пречекани од своите колеги од Универзитетот во Нови Сад и илјадници граѓани, а потоа заедно се упатија до Железничката станица, каде со 15 минутен молк им одадоа почит на 15 лица кои загинаа во трагичниот настан со уривањето на настрешницата на станицата, што се случи пред точно три месеци, на 1 Ноември.
Денеска, протестите продолжуваат на трите моста во Нови Сад. Два ќе бидат затворени три часа, а Мостот на слободата 24 часа. Студентите бараат одговори за трагичниот настан, објавување на комплетната документација за реконструкцијата на Железничката станица и утврдување на одговорните за несреќата, а барањата беа дополнети и со нови меѓу кои и гонење на напаѓачите на демонстрантите на протестите по трагедијата во Нови Сад, ослободување на уапсените активисти на протестите и запирање на кривичните постапки против нив, како и зголемување на буџетот за високото образование за 20 отсто.